Здружението на студенти по медицина (ЗСМ) соопшти дека до Министерството за здравство доставиле петиција за спроведување бесплатна вакцинација против хепатитис Б на сите студенти по медицина, со цел да се избегне каква било можност за заболување на кој било од нив, по примерот во сите држави од регионот и пошироко, каде студентите по медицина се целосно ослободени од ваквите трошоци.
Од Здружението посочуваат дека петицијата следи по неколкуте писмени барања, кои ги испратиле до Министерството за здравство од каде не добиле одговор.
– Како студенти по медицина секојдневно сме во контакт со различни видови инфективен материјал, присуствуваме на интервенции на пациенти чија историја е непозната. Ризикот за ова заболување е еднаков како за студентите, така и за останатите здравствени работници. Програмата за имунизација на населението јасно укажува на заложбите на Владата, како и на Министерството за здравство за бесплатно вакцинирање на студентите со оваа вакцина. Ваквиот ризик директно влијае и на квалитетот на наставата. Невакцинирањето на студентите по медицина кои слушаат клинички предмети е на штета на практичната настава која се одвива на медицинските факултети во државата, поради стравот на студентите за земање активно учество, истакнуваат од ЗСМ.
Оваа петиција, додаваат од ЗСМ, е поддржана од Европската медицинска студентска асоцијација, Македонската медицинска студентска асоцијација и Факултетското студентско собрание на Медицински факултет – Скопје.