Осум компании, културно-уметничко друштво и една образовна установа се годинашните добитници на наградата „Македонски квалитет 2019“. Манифестацијата на доделување на признанијата традициоанлно ја организираше Сојузот на стопански комори (ССК), под покровителство на претседателот на државата.
– Без квалитетно образование нема квалитетни кадри, а без образовани поединци нема ниту економски развој. Мора да се инсистира на постојано подигнување на квалитетот на образованието кое треба да биде во чекор со актуелните трендови и особено со потребите на пазарот на трудот – порача претседателот на државата Стево Пендаровски кој во оваа прилика додели и едно од признанијата.
Пендаровски напомена и дека за економски развој е неопходна соработка меѓу политичарите и бизнис заедницата. Клучни се, додаде, и владеењето на правото, како и довербата во институциите.
– За економски напредок и развој е неопоходна соработка меѓу политичарите и бизнис заедницата во насока на градење политки согласно потребите и барањата на стопанствениците и согласно актуелните домашни и меѓународни економски текови. Во тој контекст, клучен елемент е владеењето на правото и довербата во институциите без чија максимална функционалност и професионалност не можеме да очекуваме подобрување на економската состојба и подигнување на стандардот. Само со доследно почитување на овие постулати, заедно со вашата креативност и посветеност, како и континуираното воведување технолошки иновиаци можеме да се надеваме на подобрување на бизнис климата и на севкупен економски развој – истакна Пендаровски.
Тој ги охрабри добитниците на признанието „Македонски квалитет 2019“ да продолжат да придонесуваат за развој на македонската економија.
– Вие сте носители на нашата национална економија. Би сакал да ве поттикнам и натаму да создавате квалитет, а како амбасадори на македонскиот бренд ја имате мојата безрезервна поддршка во насока на унапреудвање и промоција на нашиот квалитет – подвлече претседателот на државата.
Добитници на „Македонски квалитет 2019“ се Настел, Бе – Да Логистик, ФитоФарм, Бироком, Тифи Груп, Евросуровина ПА, Меѓународно училиште НОВА, Кривогаштани промет, Пакомак и АКУД „Мирче Ацев“.