Меѓународен семинар за македонски јазик: Недолично е да се негира нешто што е признато

169

Недолично е да се негира нешто што е признато и познато, а тоа е македонистиката на мапата на светската славистика, но и балканистика, соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во реакција на ставот на Бугарската академија на науките.

– Челниците на БАН како да забораваат дека Меѓународниот семинар е основан уште во 1967. Така што крајно е неакадемски, и научно неиздржано, да се пишува дека „изучувањето на македонскиот јазик на голем број странски универзитети се должи на државната политика на РСМ за целисходно субвенционирање на лекторатите во странство“, пишува во реакцијата.

Наведува дека се одржани 52 летни школи во Охрид со повеќе од 4000 учесници од над 60 земји, меѓу нив голем број истакнати македонисти, а учество оствариле и остваруваат, како што наведува,  и сериозни научни кадри од Бугарија. Професори, научници и истражувачи од Бугарија, исто така, учествувале и на 46-те досега одржани меѓународни научни конференции во рамки на Летната школа, а под управа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ повеќе од 50 години настава по македонски јазик се изведува во повеќе лекторати на универзитетите во странство.

– Што ќе кажат претставниците на високата академска и научна фела на држава членка на Европската Унија на овие факти? Како ќе го (и)збришат постоењето на македонскиот јазик? Со тоа што овие факти (бројки) ќе ги помножат со нула?, пишува во реакцијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...