Воспоставување јавно-приватно партнерство со формирање една компанија за сите општини е една од опциите кои се разгледуваат за терцијалната гасовна мрежа за Град Скопје, но одлука на ниво на Влада сѐ уште не е донесена, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Една од опциите е токму таа. Разгледуваме три опции. Она што фаворизира Владата е дека не треба да ги задолжуваме граѓаните преку градовите, општините, па дури и државата за проекти каде што има интерес по пат на јавно-приватно партнерство или концесија да се реалиизраат секаков вид проекти. Ова е еден од ваквите проекти за кои постои огромен интерес не само за Градот Скопје, туку и за големите градски средини и за помалите урбани и рурални средини во државата. Ние одржавме состанок со (скопскиот градоначалник Петре) Шилегов и присутна е флексиблност на Градот Скопје. Продолжуваме со разговори и со другите, пред се, урбани средини низ државата за да го видиме нивниот интерес затоа што на крајот се работи за локална комунална инфраструктура од државно стратешко значење. По завршените консултации ќе донесеме конечна одлука со консензус и на задоволство на сите, после сите анализи кои ги правиме како ќе почне изградбата на секундарните и терцијалните гасоводни системи во државата – рече Заев.
Тој нагласи дека примарниот гасовод се одвива со одличо темпо, а реализацијата е преку 80 отсто и верува дека со последните наплати ќе се доближи до 100 проценти.
– Овие денови развиваме дополнителни активности за интерконекторот со Грција и со конекторската мрежа Петрич – Струмица, која ќе го комплетира целиот примарен гасовод во државата. Тоа е алармот дека треба да почнеме веќе со изградба на секундарната гасоводна мрежа – рече Заев.
Градоначланикот на Скопје, Петре Шилегов од своја страна истакна дека тие како Град стратешки гледано ја завршиле првичната обврска, а тоа е дека секундарниот гасоведен прстен околу градот е затворен и теоретески не постои место во градот каде не може да оди гасоводната мрежа, а стратешка одлука е на државата каков ќе биде обликот на финансирање на развој на терцијалната мрежа, односно донесувањето на гасоводната мрежа до домаќинствата и до правните субјекти.
– Со оглед на тоа што тоа е стратешки објект на државата и нејзина сопственост во таа одлука ние ќе партиципираме и ќе донесеме заедничка одлука со Владата која го има целото легитимно право да го управува тој процес – рече Шилегов.
За тоа кога граѓаните на Скопје ќе имаат глас дома, Заев рече дека голем дел веќе имаат пристап до тоа затоа што гасоводниот систем во Скопје е направен.
– Тоа значи дека секаде каде има цевка, а има на неколку места, може да се развие мрежа директно, брзо за да се припојат самите домаќинства, но може и веднаш со цистерни преку компресиран гас да добијат гоолемите објекти – болниците, градинките, школите што за нас е многу значајно заради чистиот воздух и заштеда во затополување на граѓаните, а тое може да го прават и стопанските субјекти – рече премиерот Заев.