Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица кои се товарат за сторено кривично дело – разбојништво во заложна куќа.
„Обвинетите како соизвршители, по претходен договор, на 19-ти септември во заложната куќа „Астра кредити“, на улица „Лондонска“ во Скопје, одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат. Откако влегле во објектот, околу 11:50 часот, едниот од нив држејќи во рака пиштол, кој всушност е запалка „Pietro Bereta“, побарал од оштетениот – вработен во заложната куќа, да го отвори сефот и да ги извади парите. Оштетениот постапил по ваквата наредба, го отворил сефот и на обвинетите им дал 120.000 денари. По ова, вториот обвинет се приближил до сефот и го зел остатокот од 180.450 денари кои се наоѓале внатре. Двајцата обвинети потоа го напуштиле местото со мотор кој бил паркиран во близина на заложната куќа“, соопшти Јавното обвинителство.
Со цел непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил посебен предлог за продолжување на претходно определениот притвор за двајцата обвинети.