Повеќе дипломати од кариера, ама и лица од политиката, на новиот амбасадорски список

Според претседателот Пендаровски, постапката за испраќање на новите амбасадори треба да заврши до распуштањето на парламентот околу 11 февруари, затоа што од распишувањето на изборите почнуваат ограничувањата во однос на нови вработувања и унапредувања во администрацијата.

766

Над 90 отсто од предложените амбасадори се кариерни дипломати, односно се професионално вработени во Министерството за надворешни работи, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, откако владата вчера, на затворена седница, ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во следните дестинации – Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

-Тоа е одлука на Влада и така почнува постапката, а ние имавме широки консултации на таа тема. Имињата  за кои е донесена одлука јас ги знам, но формално не сум ја добил одлуката на Владата. Кога ќе ја добијам ќе ја почнам постапката од моја страна – посочи Пендаровски.

Според имињата што неофицијално излегоа во јавноста, повеќето кандидати за амбасадори се од редовите на МНР, но има и луѓе кои не се дипломати од кариера. Меѓу професионалните амбасадори е Сашко Тодоровски (Стразбур), кој го водеше дипломатскиот синдикат, Шпреса Јусуфи (Приштина), која беше в.д.амбасадорка во Турција, Данчо Марковски (Тирана) –  поранешен амбасадор во Загреб.  Рами Реџепи (Рим) беше амбасадор во Сараево. Фатон Бејта (Копенхаген) е од редовите на МНР, а се спомнува како внук на поранешниот градоначалник на Гостивар. Од МНР е и Бети Јачева (Хаг). ВаскоГрков е поранешен генерален конзул на Македонија во Минхен, а пред локалните избори во 2013 се спомнуваше како можен кандидат за градоначалник на Кавадраци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, Дане Талески, кој заминува во мисијата на НАТО во Брисел, моментно е советник на премиерот Зоран Заев и секретар на СДСМ за меѓународна политика, Андреј Жерновски, кој се спомнува како можен амбасадор во ОН во Женева, е заменик-министер за надворешни работи и член на ЦО на СДСМ. За тоа место се спомнува и Теута Демјахам поранешна советничка на ДУИ во град Скопје. Милаим Фетаи е поранешен член на Совето за радиодифузија.  Мишо Докмановиќ (Тел Авив) е професор на Правниот факултет во Скопје, на Катедрата за историја на правото.

На седницата за пратенички прашања во октомври, Антонио Милошоски упати прашање до премиерот Зоран Заев дали е точно дека владата брза да постави, како што рече, политички амбасадори во неколку мисии, како Дане Талески во НАТО во Брисел, Теута Арифи во  САД и Мишо Докмановиќ во Израел и Сашко Насев во Бугарија. Заев тогаш одговори дека две од споменатите имиња ќе бидат предложени за амбасадори. Од друга страна, на вчерашната владина седница, не е утврден предлог за амбасадор во Вашингтон, додека на амбасадорската позиција во Софија сѐ  уште е Марјан Ѓорчев.

Новиот предлог-закон за надворешни работи предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина да бидат дипломати од кариера, насприти сегашното решение кое овозможува  најмногу една третина од вкупниот број шефови на ДКП  да може да се именуваат од редот на јавните личности

Според претседателот Пендаровски, постапката за испраќање на новите амбасадори треба да заврши до распуштањето на парламентот околу 11 февруари, затоа што од распишувањето на изборите почнуваат ограничувањата во однос на нови вработувања и унапредувања во администрацијата. Шефот на државата објаснува дека, пред да бидат испратени идните амбасадори, треба да се завршат уште некои процедури, а тие исто така треба да ја презентираат својата програма пред собраниска Комисија за надворешни работи.

-Ќе се барат агремани од државите во кои ги испраќаме. Тука има една временска одредница, која јас ја имав спомнав и порано, а сакам и сега да ја посочам. Се ближат избори, на 3 јануари доаѓа техничката влада, а многу битен датум е датумот на распуштање на Собранието и мислам дека тоа ќе биде околу 11, 12 февруари. По тој датум не можете ниту да вработите, ниту да унапредите кој било службеник во државната администрација, а не пак да праќате амбасадори – рече шефот на државата.

Додаде дека испраќањето на амбасадорите треба да заврши до таа временска одредница.

-Кој ќе отиде ќе отиде, потоа не заради моја политичка волја, туку затоа што законот забранува по распуштањето на Собранието да се праќаат амбасадори. Значи ќе се чека. Ако до тој момент некој не е отиден во дестинацијата  за која е определен, тогаш ќе се чека да заврши и кампањата и изборите да се формира нова влада, значи да заврши целиот тој изборен период – истакна Пендаровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...