Пендаровски: Беспредметно е да разговараме дали постои македонскиот јазик

294

Ставот на бугарските академици дека не пости македонскиот јазик е анахрон за 20-от и 21-от век во кој живееме, изјави претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање во врска со реакцијата на Бугарската академија на науките (БАН) на Повелбата за македонскиот јазик на МАНУ.

– Македонскиот јазик  и македонската нација се факт. Македонскиот јазик е лингвистички факт со децении и децении наназад и тоа е утврдено и на меѓународно ниво. Мислам дека е беспредметно да разговараме за нешто што е гол факт, ноторен факт што го знаат сите, не само кај нас и не само кај нив, го знаат во целиот свет – изјави Пендаровски на маргините на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ во Скопје.

Тој потенцира дека и Преспанскиот договор се повикува на Конференцијата на ОН од 1979 година на која македонскиот јазик е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група и е меѓународно признаен.

– Да потсетам според Уставот на поранешна Југославија од 1974 година, таа држава имаше три официјални јазици. Еден од трите јазици беше и македонскиот јазик. Тоа значи дека кога тогашна Југославија беше членка на ОН и во личната карта како на секоја земја членка на ОН уште од 1974 година стоеше и македонскиот јазик. Значи тоа е апсолутно неспорна работа и јас навистина мислам дека би губеле време да се убедуваме дали нешто постои или не постои. Тоа постои, исто како што македонската нација е факт и околу тоа никој нормален во нашата земја нема да дебатира, ниту да потпишува договори со кого било – истакна Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...