Преку работна група Собранието ќе ја подобрува соработката со Омбудсманот

46

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница едногласно го усвои заклучокот да се основа работна група за зајакнување, унапредување и подобрување на соработката меѓу Собранието и Народниот правобранител.

Составот на работната група, што ќе ја сочинуваат партеници, го утврди претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски со координаторите на пратеничките групи и независните пратеници кои би сакале да учествуваат во работата на оваа група, во согласност со принципот на родова еднаквост.

Кирацовски рече дека очигледно е оти овој парламентарен состав ќе трае уште неколку месеци, а потоа ќе има нов парламентарен состав и изрази надеж оваа практика ќе стане универзална и континуирана во сите идни состави на Собранието.

Дел од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека се работи за добра иницијатива, но е задоцнета.

– Собранието се наоѓа можеби на еден месец или два пред сопственото распуштање, согласно договорените избори. Но, може формирањето на оваа група да биде како почетен пример кој ќе биде иницијална рамка која ќе воспостави одредена пракса која би се следела и во идниот парламентарен состав. Во таков случај иницијативата би била оправдана – рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред членовите на оваа собраниска Комисија беше претставен и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детското престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2018 година.

Годишниот извештај го образложи потпреседателот на овој Совет Цена Чаловска, која рече дека како независно тело не можат да им се наметнат на институциите на кој било начин да ги обезбедат оние податоци што Советот ги бара, но тоа може Собранието преку оние заложби што се однесуваат до министерствата, односно министрите.

Чаловска рече дека имаат некаков напредок и административно-техничка поддршка од Министерство за правда. Дел од препораките на Државниот совет е да се користи примена на медијацијата, алтернативните мерки и мерките на одвраќање како можност за вонсудско решавање на постапките за деца.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...