Фити: Зад ставот за македонскиот јазик не стојат сите академици во БАН

Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред, вели претседателот на МАНУ

549

Претседателот на МАНУ Таки Фити денеска изјави дека ќе разговараат со колегите од Бугарската академија на науките (БАН) околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции и во која е наведено дека офоицијалниот јазик во  Северна Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик.

Тој денеска во изјава за медиумите посочи дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.

– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните – изјави академик Фити.

Тој рече дека ќе се консултира со луѓето кои се задолжени за лингвистика, по што најверојатно ќе излезат со заеднички став.

Бугарската академија на науките (БАН) смета дека Повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји.

– На 3 декември 2019 година Собранието на МАНУ усвои „Повелба за македонскиот јазик“. Во неа се конструирани историски и јазични аргументи за заштита на официјалниот книжевен јазик во Северна Македонија како посебен самостоен јазик со континуитет и генеалогија, кој во Скопје е наречен „македонски – се наведува во реакцијата на БАН.

Бугарската академија посочува дека документот предизвикал „многу сериозни научни забелешки“, поради што бил разгледан од страна на раководството на БАН, откако по него се произнеле и Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања при Академијата.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за Дојче Веле наведува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.

– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија – додава историчарот Ѓоргиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...