Илјада студенти по медицина бараат бесплатна вакцинација против Хепатитис Б

Kако студенти по медицина, секојдневно се во контакт со различни видови инфективен материјал, присуствуваат на интервенции на пациенти чија историја е непозната. Ризикот за ова заболување е еднаков како за студентите, така и за останатите здравствени работници.

8396

Здружението на студенти по медицина – ЗСМ бара да се реши прашањето за бесплатна вакцинација на студентите против Хепатитис Б вирусот, за што денеска до Министерството за здравство доставило и петиција покрената од студентите по медицина, а на која се потпишани 978 студенти 

– Целта на петицијата е да се сврти вниманието и слушне гласот на студентите по медицина во државата за конечно решавање на прашањето за бесплатна вакцинација на студентите против Хепатитис Б вирусот. Оваа петиција е последица на неколку писмени барања испратени до Министерството за здравство во текот на целата година, а на кои Министерството не дало никаков одговор – информираат од Здружението. 

Тие нагласуваат дека, како студенти по медицина, секојдневно се во контакт со различни видови инфективен материјал, присуствуваат на интервенции на пациенти чија историја е непозната. Ризикот за ова заболување е еднаков како за студентите, така и за останатите здравствени работници. Програмата за имунизација на населението јасно укажува на заложбите на Владата на РСМ како и на Министерството за здравство за бесплатно вакцинирање на студентите со оваа вакцина.

– Ваквиот ризик директно влијае и на квалитетот на наставата. Невакцинирањето на студентите по медицина кои слушаат клинички предмети е на штета на практичната настава која се одвива на медицинските факултети во државата, поради стравот на студентите за земање активно учество. Поради сите наведени причини бараме спроведување на бесплатна вакцинација на сите студенти по медицина, со цел да се избегне било каква можност за заболување на било кој од нас, впрочем како што е и примерот во сите држави од регионот (без исклучок) и пошироко каде студентите по медицина се целосно ослободени од ваквите трошоци – нагласуваат студентите.

Секој студент потпишан на оваа петиција е доброволно потпишан со цел искажување на желба и намера за решавање на овој проблем. Се надеваме дека Министерството за здравство конечно ќе има разбирање и ќе даде одговор на овој наш повторен обид за решавање на овој проблем.

Оваа петиција е поддржана од Европската медицинска студентска асоцијација – ЕМСА Македонија, Македонската медицинска студентска асоцијација – ММСА и Факултетското студентско собрание на Медицински факултет – Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...