Над 10 илјади амандмани, според првичните проценки во парламентот, се поднесени на двата предлози за измена на Изборниот законик, со што, практично, станува неизводливо воведувањето една единица за избор на пратеници, како и отворени листи за избор на советници на локални избори.
Во Собранието „ударнички“ се пребројуваат и архивираат купиштата амандмани што пристигнале утрово, така што нема попрецизни информации колку е нивната вкупна бројка и кои се предлагачите. Според првичните информации, голем дел од амандманите се на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но и владејачката ДУИ, како што потврди за Плусинфо, координаторот на пратеничката група Ејуп Алими, поднела околу пет илјади амандмани само на законот со кој се предлага промена на изборниот модел, односно воведување една изборна единица за парламентарни избори, наместо досегашните шест. ДУИ, како што вели Алими, предлага останување на досегашниот пропорционален модел со шест изборни единици. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се залагаше за враќање на мнозинскиот модел со 120 изборни единици од кои се регрутира по еден пратеник, кој беше напуштен во 2002 година.
Измените на изборниот законик, што ги поднесоа помалите парламентарни партии, се на дневен ред на собраниската седница почна вчера и треба да продолжи попладнево. Сепак, предложените законски измени досега не ги поминаа првите „филтри“ во Комисијата за политички систем и во Законодавно-правната комисија. Од пратеничката група на СДСМ имаше најави дека ќе гласаат „за“ законските измени, така што постоеше шанса, без поширок политички консензус, да се обезбедат потребните 61 глас за промена на изборниот модел.
За илјадниците амандмани се дозна на денешната претпладневна седница на Комисијата за политички систем, кога пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска реагираше зашто измените во Изборниот законик не се ставени на комисиска расправа, кога веќе се на седница. Претседателот на Комисијата Александар Кирацовски рече дека на измените се поднесени преку шест илјади амандмани што се уште се архивираат. Меѓутоа, информациите од парламентот се дека се поднесени уште повеќе, односно над десет илјади амандмани.
Пратеникот Антонио Милошоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен став дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент.
– Не може нов Изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден или два месеца пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел може да бидат подобри или помалку добри од она што денес го имаме како изборна пракса, рече Милошоски.
Тој информира дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено околу 600 амандмани на законот со кој се предлага една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-законот што се однесува на отворените листи.