Седницата на Комисијата за политички систем ќе продолжи во среда во 12 часот, рече Александар Кирацоски, на денешната седница на која се очекуваше специјалната обвинителка Катица Јанева да го претстави годишниот извештај за работата на СЈО.
Претходно Комисијата за политички систем не прифати неколку извештаи на државни комисии поради отсуство на нивни овластени претставници.
Зоран Илиоски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ неколку пати на денешната седница на Комисијата за политички систем повтори дека не треба да се расправа за извештаите на државните комисии чии претставници не ги удостоија пратениците со свое присуство.
Тој предожи да се одложи расправата за извештајот на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Опозицијата го осуди отсуството на претставниците од државните комисии кои се избрани од Собранието, а законодавниот дом нема механизам да ги натера на присуство барем тогаш кога се расправа за прашања од нивна надлежност, какви што се извештаите за нивната работа.
-Не треба да се дискутира за извештаи, кога нема претсавници од надлежните комисии затоа што ние пред себе ги имаме само извештаите, а нема кој да ни одговори на поставените прашања – реплицираше Зоран Илиоски кој истакна дека Собранието треба да се грижи дали институциите работат или не.
-Транспаретноста ви е омилен збор, многу често го користите, а во пракса тешко го спроведувате. Зголемениот број на жалби во 2017 споредено со 2016 година во однос на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер го потврдува тоа – рече Илиоски.
Кирацовски не ги прифати предлозите на опозицијата да се одложи расправата за извештаите на комисиите кои немаат свои претставници и ѝ порача на опозицијата да се фокусира на суштината.
-Добро е што се вративте во Собранието, но повеќе се фокусирате на формата, отколку на суштината, сите инситуции беа поканети и Собранието нема да биде заложник на инситуциите, се додека не добиеме моќ да ги донесеме тука нивните претставници – одговори Кирацоски, на чиј предлог не беше усвоен ниту извештајот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.