Не знам на што точно мислел бизнисменот Орце Камчев, кој во најновите снимки вели „Геро ќе ги пука сега“ и „Геро ќе биде“.
Ако се мисли на жестоко критикување на власта, но и на другите (на сите, практично), како што е познато, јас и досега жестоко ги „пукам сите“ и допрва ќе ги „пукам“. Јас ја отворив аферата „Рекет“, јас ја критикував и претходната власт за криминалите и корупцијата, а ја критикувам и сегашната власт за истите зла, оти не гледам причина зошто би требало да биде поинаку. Во таа смисла, да, Геро беше и Геро ќе биде тој што нема да отстапи.
Ако, пак, Камчев мислел дека Геро ќе објавува нелегално снимени разговори, односно „бомби“, можам да го кажам она што сите го знаат – јас со такви работи не се занимавам, бидејќи знам дека тоа е прекршување на Кривичниот законик, без оглед кој и како го толкува јавниот интерес. Па така, „бомби“ ниту сум „пукал“ ниту ќе „пукам“.
Своевремено, „бомбите“ што ги објави Зоран Заев, Плусинфо и „Слободен печат“ под мое раководство ги објавија како извештаи од официјални прес-конференции. Снимките на италијанскиот медиум „Ла Верита“ за „Рекет“ Плусинфо ги преобјави затоа што беа објавени на официјалниот канал на тој медиум, заедно со целината на прилозите. Сите други снимки кои потекнуваа од разни неофицијални и сомнителни Јутјуб ланали (Никола Тесла, Ел Чека, сегашниве за Камчев), Плусинфо не ги објавува, кусо известува за нив и ги упатува читателите да ги проследат (ако сакаат) во другите медиуми каде што се објавени.
Претпоставувам дека Камчев ќе објасни на што мислел конкретно околу „пукањето“, но факт е дека јас никогаш не сум поседувал или споделувал „бомби“ (ниту преснимени од Јутјуб или од другите канали), никој не ми ги давал да ги преслушам пред да бидат објавени (сведок ми е Зоран Заев лично, ако веќе не му се верува на Камчев) и никој од мене не барал таква услуга. Веројатно затоа што сите знаат дека такво нешто од мене, едноставно, не смее ни да се бара.
Се надевам дека сега е појасно, барем од моја страна. Значи, да повторам – како и порано, така и сега, а и во иднина, сите ќе ги критикувам, сите ќе ги „пукам“, ама „бомби“ ниту сум „пукал“, ниту ќе „пукам“!
ПС. Реагирам со мало задоцнување, зашто пред половина час слетав во Скопје од Виена.