По речиси една година, заврши епидемијата на мали сипаници во земјава, која однесе четири смртни случаи, сите на возраст од 5,5 до 13 месеци, кои биле невакцинирани. Во болница заглавија 852 лица со морбили, а кај 302 се појавиле и компликации од ова заразно заболување, а најчести биле пневмонија и дијареја.
Ова предмалку го обелодени и Министерството за здравство, откако Комисијата за заразни болести констатирала дека се исполнети епидемиолошките услови за одјава на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата. Овој заклучок е донесен по поминати 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај.
Согласно заклучоците, во тек е известување на сите јавни и приватни здравствени установи во државата за одјавување на епидемијата со морбили на ниво на цела држава.
– Заклучно со 3. декември до Институтот за јавно здравје пристигнале 2.215 пријави за мали сипаници. Вкупниот број случаи пријавени од декември 2018 заклучно со 6. декември годинава, а кои ја исполнуваат дефиницијата на случај и се вбројуваат во вкупниот број заболени во епидемијата, изнесува 1.901, со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители – информираат од ИЈЗ.
Епидемиолозите претходно појаснија дека се исполнети условите за прогласување крај на епидемијата, бидејќи 45 дена нема новозаразени од мали сипаници.
По пријавување на последниот лабораториски потврден случај на мали сипаници, од 19 октомври до 6 декември година биле пријавени два сомнителни случаи коишто по анализите се отфрлени.
– Комисијата за заразни заболувања имаше состанок на кој оцени дека епидемијата на мали сипаници е прекината и даде таков предлог – Министерството за здравство и официјално да прогласи крај на епидемијата, односно таа да се одјави, што гледаме дека денеска и е направено. Но секако не и превентивните активности. Бидејќи насекаде во регионот има заболени од мали сипаници, и натаму важи препораката за вакцинирање против ова заразно заболување – вели д-р Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.
Случаи на мали сипаници годинава се регистрирани во 24 градови, од кои највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 165,1 на 100.000 (112 случаи), Куманово 162,6 на 100.000 (232) и Скопје 161,6 на 100.000 (998).
Според вакциналниот статус, 1.530 или 80,5 отсто од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од нив, 327 (21,4 отсто) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Четирите смртни случаи кои се регистрирани во епидемијата се кај деца од 5,5 до 13 месеци – сите невакцинирани со МРП вакцина. Кај две од децата постоеле и други заболувања, а сите четири починале од бронхопневмонија, како компликација на мали сипаници.
Во оваа епидемија имало и 187 случаи на морбили меѓу здравствени работници/вработени во здравствени институции, што претставува 9,8 отсто од вкупниот број на регистрирани случаи.
Од вкупно регистрираните случаи на мали сипаници, 665 се и лабораториски потврдени, а 691 се епидемиолошки поврзани. Вкупно 545 случаи се со клиничка слика на морбили.
Возраста на заболените се движи од еден месец до 63 години, а најголем број заболени се на возраст над 30 години – 852 лица.
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 977 лица од машки пол и 924 лица од женски пол или сооднос машки –женски 1,1:1.
Вкупниот број вакцинирани лица со МРП вакцина на возраст до 14 години, од почетокот на епидемијата, пред крајот на 2018 година, до крајот на анализираниот период во државава изнесува 44.497. Со Наредбата на министерот за здравство, а по препорака на Комисијата, дополнително се дадени 6.305 дози на вакцина кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, како и кај лица постари од 14 години.
Во однос на датумот на појава на исип, првиот случај е регистриран во 49-та недела во 2018 во Скопје, а од 3-тата недела во 2019 се регистрираат првите случаи во останатиот дел на Македонија. Во текот на 16-та и 19-та недела се регистрира најголем број на заболени, а од 22-та недела опаѓа бројот на заболени од морбили.
Во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург беа испратени примероци од заболените за генотипизација. Докажан е генотипот B3 Dublin кој циркулира и во соседните држави.