Потребното двотретинско мнозинство за Законот за одбрана е неизвесено поради името Република Северна Македонија кое стои на законот. Владејачкото мнозинство очекува пратенциите од сите политички партии на денешната собраниска седница да покажат дека се за членство во НАТО и да го поддржат законот. Неодговорно е, велат, на последниот чекор пред НАТО да се тера партиска политика.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија вчера за Плусинфо дека ќе се воздржат од гласање за системскиот Закон за одбрана. Спорно за опозицијата е преименувањето на Армијата во Армија на Северна Македонија. Сметаат дека таа измена може да се направи дополнително.
Не е исклучено потребните 80 гласа да се обезбедат со поддршка од независните пратеници што беа дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ако сите се залагаме за членство во НАТО, неопходно е да се донесе Законот за одбрана, кој е клучен за пристапувањето во Алијансата.
-Ќе биде неодговорно од сите нас да зборуваме за ратификација, а да не си ја завршиме домашната задача. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, кое молчи на оваа крупна тема. Без тој закон ќе биде неодговорно да се зборува за ратификација, а при тоа да не се завршува домашната задача. Владата е уверена дека ние ќе успееме да ја завршиме ратификацијата на нашиот НАТО протокол навреме – порача Шекеринска.
Со законот треба да се исчистат неусогласеностите и да се уредат обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преоѓањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.
Се уредува и процедурата за учество во мисии и операции на НАТО. Со измените на законот целосно се регулира прашањето за учество на цивили, вработени во министерствата за одбрана, за здравство и за внатрешни работи, како резервен состав, доколку самите изразат волја, желба и ако има потреба таков кадар да учествуваат во мисии. Сите наши учесници во мисии, без разлика дали се цивилни лица или припадници на Армијата, ќе ја носат униформата на С.Макеоднија, а обележјето ќе биде исклучиво знамето на државата. Во законот првпат се вградува принцип на правична застапеност.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, веќе доби зелено светло од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но без членовите од ВМРО-ДПМНЕ. Осум членови беа „за“, немаше против и воздржани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата.