„Виси“ двотретинското мнозинство и за Законот за одбрана

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од гласање за законот со кој одбранбениот систем на нашата земја се прилагодува кон стандардите на НАТО. Другата варијанта е потребните 80 гласа да се обезбедат по „Преспански принцип“, односно со поддршка од независните пратеници

1823

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што најавуваат од пратеничката група на партијата, ќе се воздржат од гласање за законот за одбрана, кој е на дневен ред на утрешната собраниска седница. Со тоа станува неизвесно брзото донесување на овој закон, со кој функционирањето на македонскиот одбранбен систем се прилагодува на стандардите на НАТО, а кој треба да се донесе со двотретинско мнозинство.

Доколку нема консензус меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за системскиот закон за одбрана, другата варијатна е квалификуваното мнозинство да се обезбеди по принципот според кој беа донесени уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, односно со поддршка на независните пратеници.

Од владата апелираа денеска законот за одбрана да биде донесен со консензус, посочувајќи дека, наместо да се лицитра со датумот за ратификација на Протоколот за членство во НАТО, сега е момент партиите да демонстрираат обединетост во однос на исполнувањето на еден од двата стратешки приоритети на државата.

Единствен аргумент на ВМРО-ДПМНЕ, нагласуваат од владата,  е дека нема да дадат поддршка затоа што на законот стоело името Република Северна Македонија и додаваат дека истото име стои и на Протоколот кој треба да биде ратификуван и во македонското Собрание. Неодговорно е, велат од владата, на последниот чекор пред НАТО да се водат тесно-партиски политики.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се согласни оти треба да се постигне усогласеност меѓу партиите за сите процедури што претставуваат обврска во однос на зачленувањето на земјата во НАТО. Меѓутоа, за нив е проблематично тоа што во предлог-законот за одбрана директно се оди со преименување на Армијата во Армија на Република Северна Македонија, од што би произлегла кратенка АРСМ.

-Главен проблем е тоа што во Собранието, во последно време, не се разговара со опозицијата во насока на усогласување на ставовите за системски закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Отсекогаш било практика власта и опозицијата да остварат дијалог со цел постигнување консензус за вакви закони. Тоа веќе подолго време не се практикува и се пуштаат закони за кои се очекува бланко поддршка од опозицијата – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев од собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

Тој потврдува дека камен на сопнување е тоа што од старт се преименува Армијата во Армија на Република Северна Македонија, иако, како што вели, тоа можело да се направи и во наредниот период, со нови законски измени.

Иако законот за одбрана е во финална фаза од постапката, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сѐ  уште има можност за усогласување со СДСМ, така што оваа точка би била повлечена од дневениот ред на утрешната седница и потоа би бил ставен нов закон – без членот со кој се уредува името на македонската Армија.

Од друга страна, очекувањата на владата се дека Шпанија би требало до крајот на јануари да го ратификува Протоколот за членство на С. Македонија во НАТО, според ветувањата и прогнозите кои му ги дал шпанскиот премиер Педро Санчез на премиерот Зоран Заев, на средбата на маргините на Самитот на НАТО во Лондон.

Санчез изразил надеж дека сите процедури во Шпанија околу формирање на владата и комлетирање на парламентот  би завршиле до почетокот на следниот месец, а ратификацијата би се случила на крајот на јануари.

Во случај  Шпанија да не го ратификува Протоколот  до распуштањето на парламентот во Скопје, поради изборите најавени за 12 април, од владата брифираат дека една од варијантите е условно ратификување, односно да се донесе одлука во парламентот и таа да биде објавена во „Службен весник“ откако Протоколот ќе се ратификува во парламентот во Мадрид.

Со нашето членство во НАТО, велат од владата, ние и формални и фактички ќе бидеме вклучени во воените структури на Алијансата. За следната година е планирано и пополнување на НАТО структурите со наши луѓе. Мисијата во НАТО ќе брои околу 20 луѓе од одбрана и десет до 15 од МНР и други институции. Од владата очекуваат  в година 80 отсто од одбранбената мисија да биде пополнета, а во рамки на НАТО командата С. Македонија ќе има околу 20 позиции.

Земјата има декларирано лесна пешадиска борбена група, која брои околу илјада луѓе. Тие треба да бидат соодветно опремени, извежбани и обучени, за од 2024 година да бидат на располагање на НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...