Театарот за деца и младинци – Скопје утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Касета“ во режија на Бесфорт Идризи, според истоимената драма на шведскиот автор Денис Магнусон.
Во претставата играат Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски. Сценографијата е на Енес Деари, костимографијата на Роза Трајческа Ристовска, а композитор е Игор Василев.
Претставата „Касета“ е за тинејџерката Тува, чија мајка умира при породувањето. Таа не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира. Еден ден, не знаејќи што да прави, доаѓа до идеја да се качи на таванот од куќата каде што живеат со цел да си ги најде старите играчки од детство. Помеѓу правливите стари предмети пронаоѓа една стара музичка касета на која пишува само „Горбар“.
Директорката на Театарот за деца и младинци – Скопје Катарина Илиевска Силјановска на денешната прес-конференција рече дека се работи за младинско-тинејџерска претстава наменета за деца над 12-годишна возраст.
Според неа, преку приказната се открива еден нов музички свет за оваа доба во која живееме и во исто време тинејџерката се запознава себе си и родителите кои вообичаено ги сметаме за здодевни, сѐ додека не откриеме дека тие кријат нешто специјално и интересно, што не сме го знаеле.
Режисерот Бесфорт Идризи посочи дека приказната зборува за односот татко-ќерка, особено во семејство каде мајката е почината.
– Се зборува за начинот на кој таткото и ќерката се справуваат и колку тие двајца можат да живеат заедно, да се разберат, да комуницираат, сето тоа преку добра музика особено за младите. Сето тоа се одвива преку металска музика – рече Идризи.
Тој додаде дека на крај преку бенд и музика се гради еден добар мост меѓу ќерката и таткото и наоѓаат заеднички јазик за комуникација.
Тој рече дека претставата има металска музика што е нешто ново во нашите театри, особено за детски и младински претстави, и изрази надеж дека тоа ќе предизвика интерес кај публиката и ќе биде освежување за репертоарите на нашите театри.
Дел од актерската екипа присутна на прес-конференцијата порача дека се стремат да ја едуцираат најмладата публика, која од овој театар тргнува во другите театри. Велат дека се обидуваат да создадат публика која ќе биде редовна и доброволно ќе сака да оди во театар.