Заев во јануари нема да биде премиер, ама ќе оди на кафе со Борисов во Софија

Иако на Заев, практично, му остануваат уште три до четири седмици на премиерската функција, форумите на СДСМ сѐ  уште не донеле одлука кој ќе биде негов наследник на „Илинденска“, иако не се исклучува можност тоа да биде некој од министрите што исто така треба да ги напуштат функциите, како Спасовски и Царовска

1014

Зоран Заев следниот месец ќе се повлече од премиерската функција, ама продолжува со својата политичка агенда како лидер на владејачкиот СДСМ, најавуваат владини извори. Една од првите обврски на Заев, по заминувањето од премиерското место, според најавите, е посета на Софија, каде што планира неформална средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Ќерката на Заев, како што велат владини извори, студира во Софија, така што сегашниот премиер ќе искористи можност да отпатува таму за време на празниците и да се види со Борисов, со кој имаа интензивна комуникација во изминатите повеќе од две и пол години. Во овој период беше донесен и Договорот за добрососедство меѓу двете земји, од кој произлезе формирањето на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Престојната средба Заев- Борисов, според информациите, ќе биде можност да се разменат мислења на политичко ниво околу функционирањето на  заедничката експертска Комисија, која во изминатиот период наиде на повеќе блокади во функционирањето, посебно во однос на улогата на Гоце Делчев во историјата на двете земји. Сепак,  разврската на спорните прашања меѓу историчарите во заедничката Комисија ќе  биде оставена за периодот по изборите, за оваа тема да не биде злоупотребена за дневно-политички препукувања за време на кампањата. Техничката влада, на чело со технички премиер од редовите на СДСМ, би требало да биде избрана на 3 јануари или сто дена пред изборите на 12 април. Најавите дека Заев заминува од владата во јануари се толкуваат како потврда дека 10. парламентарни избори ќе се одржат во терминот што беше договорен на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, веднаш по француското „не“ на Европскиот самит во Брисел, а наспроти информациите дека е можно нивно одложување поради завршување на процедурите за полноправно членство во НАТО.  Во текот на викендот, и претседателот Пендаровски изјави дека не е сигурен дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април.

Иако на Заев, практично, му остануваат уште три до четири седмици на премиерската функција, форумите на СДСМ сѐ  уште не донеле формална одлука кој ќе биде негов наследник на „Илинденска“ во предизборниот период. Таа одлука се очекува кон крајот на овој месец, кога ќе биде соопштено и кои ќе бидат дополнителните заменик-министри на СДСМ во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, каде што министрите ќе бидат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Поради тоа што досегашните министри Оливер Спасовски и Мила Царовска, кои се и потпретседатели на СДСМ, ќе треба да заминат од функциите што сега ги извршуваат во владата, не се исклучува можност еден од нив да биде технички премиер. ВМРО-ДПМНЕ, исто така, треба да назначи дополнителни заменик-министри во ресорите земјоделство, финансии и информатичко општество и администрација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...