Д-Р КОТЕ ТАСЕВСКИ: Илјадници насмевки блеснале на неговата стоматолошка столица

Пациентите сакаат заби со какви што ни се насмевнуваат славните личности, светските модели, актерите, спортистите, научниците. Ние, технички, технолошки и стручно го достигнавме нивото на тамошните стоматолошки клиники и со тоа што нам ни го довериле своето орално здравје, тие добија можност да избираат како да се смеат, вели д-р Тасевски.

1491

Јубилеите се само крајпатни знаци кои говорат за тоа од каде сум почнал и до каде сум стасал во професијата и во животниот век. Тие емотивно ме исполнуваат, но јас, иако веќе во пензија, не сум го напуштил патувањето. Јас не сум случајно на тој пат, вели примариус д-р Коте Тасевски, стоматолог и основач на Стоматолошката поликлиника Ендомак, во интервју за Плусинфо.

Тој деновиве одбележува три убави јубилеи – 25 години од почеток на приватна практика и првата стоматолошка ординација, 50 години работен стаж, а го прославува и својот 70-ти роденден. Тасевски специјализирал на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз и на Универзитетот „Врије“ во Брисел. Тој е специјалист ендодонт и докажан експерт во својата професија, а познат е и по научната работа. Издал 8 стручни книги и едукативни брошури од областа на стоматологијата, презентирал бројни стручни трудови на симпозиуми и конгреси во земјава и во странство и објавил над 100 написи во домашни и странски стоматолошки списанија.

Д-р Тасевски е добитник на многубројни награди: Интернационална награда European Quality Award – за висок квалитет на услуги и изработки според европските стандарди. Наградата United Europe за особен личен придонес во развојот на европската интеграција, како и државните награди „Свети Климент Охридски“ и „Мајка Тереза“ (2006). Добива награда и признание и од Општина Струмица „Св. Петнаесет Тиверополски маченици“ како највисоко општинско признание за посебен придонес во областа на хуманоста и стоматологијата.

Д-р Коте, дали и во најсмелите мечтаења, кога почнувавте со приватен бизнис, помислувавте дека ќе станете успешен – основач сте на Ендомак – Стоматолошка клиника во Скопје, која денес има ординации и во Гевгелија и во Струмица?

– Како голем број мои колеги, работата како стоматолог ја почнав во Медицинскиот центар во Струмица, во јавното здравство (во тоа време приватно немаше). Иако таму  можев и да останам, бев несреќен затоа што не можев да ги остварам моите професионални цели, формирани во годините на студии, а дефинирани при специјализацијата во Париз и во Брисел. Во стручното усовршување, дојдов во контакт со најновите сознанија во стоматологијата во тоа време, открив нови техники и нови материјали кои не се изучуваа на нашите факултети. Замислете: млади сте, полни со желба за нови знаења, желни за успех, упорен до неслутени граници, гледате, разбирате, а сепак немате можност во таков амбиент да работите… Тоа беше фрустрирачко. Моите ментори, кои беа врвни стручњаци во нивните држави, но и во светот, ми ги отворија своите библиотеки и јас првпат станав толку среќен од сознанијата за професијата што ја одбрав. Кога се вратив, се разочарав зашто многу од тоа стручно сознание не можев да го применам – во нашите ординации ниту имаше технички ниту технолошки можности за примена, ниту пак меѓу раководителите на центарот имаше расположение нешто да се смени. Бев бесен, бунтовен и барав излез од таа ситуација – се сеќава д-р Тасевски.

Ја зграпчив првата шанса, оставив сѐ и дојдов во Скопје

Што сметате дека беше пресудно за Вашата кариера како стоматолог да се развива, во услови на силна конкуренција во стоматологијата – во Македонија има повеќе од 1.000 стоматолошки ординации?

– Учењето и упорноста, несомнено. Затоа, првата шанса да дојдам во Скопје ја зграпчив и не зажалив, иако во Струмица оставив куќа, семејна комоција, пријатели. Од доктор во јавното здравство, станав приватник на чија врата секое утро „тропа“  некој проблем. Селидбите од стан во стан не ме поколебаа, иако потстанарскиот статус со сопругата, која е педијатар, и со два сина, не е некоја компензација за куќата во Струмица. Но, паралелно со стоматолошката пракса јас стоев блиску до науката, посетував семинари и прибирав странски научни книги, а потоа и самиот се јавував со стручни трудови. Нема друг пат до успехот, што и да работиш. „Ендомак“ беше една од првите приватни ординации, во време кога политиката во тој дел од здравството ја диктираа стоматолозите од јавното здравство. Денес е многу полесно да се биде приватен стоматолог.

Колку пациенти досега, во овие 25 години, се јавиле кај вас и добиле стоматолошка услуга?

– „Ендомак“ брзо стекна свои пријатели и обожаватели во сите краишта од земјава, а тоа е, пред сѐ, бидејќи единствено „Ендомак“ успешно и систематично се занимаваше, не само со лекување на забите, туку сериозно навлезе и во естетиката. Она што го одделува „Ендомак“ од останатите ординации е воведување нов концепт и менување на перспективите во стоматологијата. Примена на неинвазивни методи на обработка на забите и развивање на естетската стоматологија. Наша цел е забите да бидат не само здрави, туку и убави. Затоа во работата се следат принципите на дизајнирање на насмевката, се настојува да се корегираат сите недостатоци на забите, за максимални естетски резултати. Нашиот став е дека убавината на насмевката е еден од најважните фактори за самодоверба, чувство на среќа и благосостојба на човекот. Токму затоа, во „Ендомак“ кон решавање на проблемите со забите се приоѓа потемелно, вклучувајќи го естетскиот аспект од работата, како начин за подобрување на сето физичко и емотивно здравје на пациентите. Задоволните пациенти и нивните позитивни функционални промени по третманот се доказ дека сме на вистинскиот пат. Во „Ендомак“ се применуваат најновите сознанија, методи и техники за работа во стоматологијата.

Стоматолошката поликлиника „Ендомак“ ја посетиле, покрај обичните граѓани и низа врвни естрадни уметници, политичари, државници, актери, новинари, телевизиски и филмски работници и други јавни личности, на кои од пресудно значење им е изгледот на нивното лице, особено на устата и забите, и креирањето на нивната насмевка до совршен степен. Голем број од нив ни искажаа доверба, на што сме горди. Најбитно ни е што луѓето на кои им помагаме се задоволни, тие нѐ препорачуваат на нивни пријатели и на тој начин се шири кругот на „Ендомак“. Нема ништо попријатно од тоа кога гледате дека луѓето ви веруваат.

„Ендомак“ – пионер во извозот на памет во стоматологијата

Вие не работите со Фондот за здравствено осигурување и приватно ги наплатувате услугите. Како успевате да ги привлечете и задржите пациентите?

– Зарем тука не е очигледен одговорот на вашето прашање? Стручните познавања, технологијата и техниките во стоматологијата последниве години напреднаа толку многу, како во ниедна друга област, освен во електрониката. Многу информации станаа достапни и за стоматолозите и за пациентите. Во „Ендомак“ пациентите имаат избор. Сакаат заби со какви што ни се насмевнуваат славните личности, светските  модели, актерите, спортистите, научниците. Ние, технички, технолошки и стручно го достигнавме нивото на тамошните стоматолошки клиники и со тоа што нам ни го довериле своето орално здравје, тие добија можност да избираат како да се смеат. Денес тоа е достапно за сите луѓе кои ја посакуваат сигурноста и задоволството од добро искреирана насмевка. Тој факт ги ослободува луѓете, ги прави задоволни и посигурни, покрај тоа што добиле пофункционални заби.

Од друга страна, „Ендомак“ се разви во компанија со општествена одговорност. Секој вторник нашите стоматолози им прават бесплатни стоматолошки услуги на децата со посебни потреби во Македонија. Тие деца ме направија човек колку што не успеаја купиштата книги. На почетокот, јас ги исплакував пред да влезат во поликлиниката, а и тие беа стегнати и исплашени. Но потоа станавме пријатели, тие се ослободија, а мене ме очеличија. Сега тие се среќни што добиле нов пријател и со трчање влегуваат во ординацијата.

„Ендомак“ има и многу пациенти од соседна Грција и од регионот. Како, освен со пониски цени на услуги, и нив ги привлековте да се решат токму за вашите ординации?

– „Ендомак“ е пионер во извозот на памет во стоматологијата. Ординацијата во Гевгелија, со привлекувањето пациенти од Грција, направи револуција. Цела една улица се роди со стоматолошки ординации поради напливот на грчки граѓани. Таа улица гевгеличани ја нарекуваат улица „Ендомак“. Се разви голема, здрава конкуренција меѓу стоматолошките ординации и тоа влече напред, ги натера стоматолозите да го унапредуваат знаењето, да се натпреваруваат во изведбите, во практиките, во технолошките иновации. Од друга страна, покрај стручното усовршување на стоматолозите, техничарите, стоматолошките сестри, на сите вработени во „Ендомак“ им овозможивме да научат англиски и грчки јазик. Во таа наша ординација гостите од Солун и од другите околни места зборуваат онака како што си зборуваат дома. Покрај пристапните цени, тие добиваат и најквалитетни услуги. Гласот за убавото бргу се шири и денес стасавме дотаму што пријавените пациенти од Грција ги донесуваме и ги враќаме со наш минибус. Во рамките на ординацијата работи менувачница, а во кафе-барот тие може да се освежат, пред да се вратат дома со новите заби. Така „Ендомак“ и практично стана составен дел на Европската Унија.

Која е формулата за успех во вашиот случај – ќе ја откриете ли во списанието кое наскоро треба да излезе?

– Нема формула, барем не таква која би се криела од другите. Треба да постои жед за знаење, за беспоштедна работа, подготвеност за брзи промени, стручно оспособен тим, добра организација, одговорност кон пациентите. Во нашите ординации се работи отворено, сите опции им се претставуваат на пациентите, тие се партнери во изборот и во изведбата на интервенцијата, знаат со какви материјали работиме. Тие знаат што добиваат за своите пари и тоа е една од најголемите придобивки на човекот. Според тоа, нема што да се открива дополнително.

Основал и Приватен научен институт – Академија за естетска стоматологија 

Д-р Тасевски најавува дека деновиве ќе излезе од печат стручното списание „Smile“ на Академијата за естетска стоматологија – Ендомак, а во него свои стручни трудови објавуваат многу домашни и странски автори и тоа од четирите дисциплини кои се поврзани со естетската стоматологија.

ПЗУ Поликлиника од примарна здравствена заштита „Ендомак“во Скопје и Струмица и ПЗУ Поликлиника од секундарно ниво „Ендомак“ Гевгелија, oсноваа Приватен научен институт – Академија за естетска стоматологија (прва во државата и во регионот), како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

– Во завршна постапка сме да ја добиеме акредитацијата и од Министерството за здравство (од Министерството за образование ја добивме) и со тој сертификат Академијата за стоматолошка естетика ќе може да ја реализира својата програма за дооспособување на наши стоматолози и докторанди од Југоисточна Европа, а предавања ќе држат истакнати професори од познати центри во светот. Основната цел на Академијата е да го забрза развојот на современата стоматолошка доктрина, со тенденција таа директно да се применува во практиката, вградувајќи ги богатите светски искуства. На тој начин не само што ќе се даваат забоздравствени услуги, туку и ќе се едуцираат голем број млади луѓе. Академијата овозможува да ги споделиме знаењата на домашни и на странски стоматолози и забни техничари. Постапката за акредитација е на крај, така што „Ендомак“ ќе биде дел од образовно-научниот систем во земјава. Практиките што се применуваат во „Ендомак“ ќе се поврзат со науката и ќе се развива една нова дисциплина (нова кај нас, инаку во развиениот свет воспоставена пред три децении) – естетска стоматологија. Ќе донесеме светски предавачи од таа област и докторите, забните техничари и другите стоматолошки професионалци директно ќе се усовршуваат – вели д-р Тасевски.

Д-р Коте, пред повеќе од 20 години, кога Ве запознав, обжалувавте еден од  тендерите на Клиниката за стоматологија. Дали, од оваа дистанца, сте задоволен што не Ви ја прифатија жалбата, со што можеби влијаеле да  почнете со приватен бизнис?

– Не, јас ја определив мојата професија уште при завршувањето на гимназијата во Струмица. Знаев што ќе работам и за тоа бев подготвен кога ја добив дипломата од Стоматолошкиот факултет во Скопје. Специјализирав ендодонција и болести на устата и забите. Подоцна, врз основа на големиот број објавени стручни трудови во домашни и светски реномирани списанија, добив звање примариус. Препреките, каква што беше онаа што ја спомнувате, беа сведоштво за тоа во колку понеповолна позиција беа приватните стоматолози во однос на колегите од јавното здравство. Не верувам дека поинаквото решение ќе ме фрлело на друг колосек. Јас сум упорен човек. Сум губел битки, ама војната ја добивав. Тој случај, по кој сте ме запаметиле, евентуално, ме терал да барам други патишта и да вложувам допонителни напори за да ги остварам визиите што ги имав. Се разбира, тогаш не знаев точно каква ќе биде целта кон која стремам. Но, верував дека сум на вистинскиот пат, знаев дека мора да се кинат границите што ме ограничуваа затоа што нив ги определуваше јавното здравство. Не за друго, тие луѓе таму беа мои колеги, ним им беше комотно таму, имало-немало работа, на први платата им стигнуваше. Само оној кој немал сон пред секој први во месецот, зашто немал доволно пари да ги плати вработените, знае што значи погрешно избран тендер. Зашто тоа го плаќа со сопствени пари. Но, во системот за кој се определи нашето општество, приватната иницијатива секогаш е попробивна, побргу се носат решенија и побргу се исполнуваат.


Д-р Диме Тасевски 

И Вашите два сина се стоматолози – еден ја раководи клиниката „Ендомак“ во Скопје, а другиот клиниките во Гевгелија и во Струмица. Дали учениците веќе успеаја да го надминат учителот?

– Со ретка посветеност и со професионален ангажман, моите синови прим. д-р Томе Тасевски, магистер, докторант, и д-р Димитар Тасевски, специјалист орален хирург имплантолог, но и мојата снаа д-р Македонка Тасевска, доктор на специјализација по ендодонција, го намалуваат растојанието меѓу врвните дострели во светот и нашите стандарди во областа на стоматологијата. Ги воведоа сите иновативни практики и уживаат во репутација на лидери во естетската и реставративната стоматологија кај нас.

Многу години посветија на усовршување на техничките вештини и уметничките принципи кои се потребни за реставрирање на насмевките до состојба на префинета убавина. Ја предводеа примената на сите големи нови откритија во стоматологијата, како што се белење на забите, порцеланските ламинати, компјутерските заботехнички изработки и менување на фацијалните структури. Тие се образуваат според светски узанси, одат на курсеви, посетуваат семинари, вклучени се во меѓународни проекти, пишуваат и се во тек со она што се случува во светот. Само така можете да успеете, затоа што сте конкурентни и со идеите и со практичните решенија.

Денес ПЗУ „Ендомак“ со 25-годишното постоење и искуство и трите стоматолошки поликлиники во Скопје, Струмица и во Гевгелија, претставува одлично организиран стоматолошки центар во кој се применува врвна естетска и реставративна стоматологија. Таа стана синоним на исклучителен предводник на реформите и на приватизацијата во македонското здравство. „Ендомак“ денеска е една од најмодерните, најопремените и најголемите стоматолошки установи во земјата, со тим од 70 вработени, чија основна концепција е прогресивно ширење и брз равој на современата стоматолошка доктрина, со несомнени резултати во примената на богатите светски стоматолошки и медицински искуства.

Д-р Томе Тасевски 

Три поликлиники, една филозофија

Иако се работи во три посебни стоматолошки поликлиники во Скопје, Струмица и во Гевгелија, тие делат една иста филозофија, а тоа е висока технологија и фокусираност на козметски и естетски процедури со дизајнирање на насмевката, примена на иновациите во стоматолошката наука, особено во естетската стоматологија, новите научни решенија за успешно лечење на забите, како и за ефикасна примена на најновите техники, методи и постапки во непосредната практика.

Во рамките на „Ендомак“ работат специјалистички ординации по орална хирургија и имплантологија, стоматолошка протетика и ортодонција, ендодонција, парадонтологија, рендген кабинети опремени со дигитални ортопантомографски и 3Д томографски апарати, заботехничка лабораторија во Струмица, Скопје, Гевгелија и Дојран, едукативен центар со фото студио за естетска и реставративна стоматологија и дигитално дизајнирање на насмевката (DSD) и Приватниот научен институт – Академија за естетска стоматологија.

Која желба си ја посакавте за 70-иот роденден, освен најважната – за здравје и среќен живот? Имате ли некоја неостварена желба поврзана со  професионалниот ангажман? 

– Откако се пензионирав, гледајќи дека синовите го кренаа „Ендомак“ за една планина повисоко, јас почнав да ги проучувам светските примери на приватно-јавно партнерство во здравството и во научно-образовната област. Тоа, под строго пропишани и доследно применувани норми, во развиените земји одамна работи. Кај нас, кога станува збор за стоматологијата, државата (доколку под тој именител го разбирате и јавното здравство) како да се плаши од приватната иницијатива. Но, оној кој прв стапнал да таква штица мора да ја расчистува патеката. Јас, ете, си ја доделив таа улога да го расчистувам патот до таа цел.

Верувам дека ќе можам да ги оформам и неколкуте започнати стручни книги со кои ќе можат да се служат студентите.

Јас, меѓу другото, сум и дедо на два внука и на две внуки. Од нив барам прошка што немав време повеќе да ги дружам. Сакам тие да ја видат и другата димензија на својот дедо, а не само некој во бел мантил и со маска на лицето постојано работи. И тука не завршуваат желбите. Човек без желби е мртов човек.

Дали и во кој дел државата Ви помогнала да го почнете и развиете бизнисот во стоматологијата?

– Државата ми овозможи да се образувам, да специјализирам, да видам како работат стоматолошките клини во дел од развиениот свет и дома да го применам тоа знаење. Малку ли е тоа? Сега, ако дозволи државата, јас сакам да ѝ се оддолжам со практично оспособување на млади стручњаци. Тоа што го научив да го пренесам на идните стоматолози за да не мора тие одново да разгазуваат свои патеки и – да останат во земјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...