Сопругата на бизнисменот Јордан Камчев, Ана Камчева, која денеска сведочи за случајот „Рекет“, посочи дека Бојан Јовановски Боки 13-ка бил многу близок со политичари, а особено со министерот за внатрешни работи од сегашната власт.
Затоа таа решила да го пријави случајот кај Горан Наумовски, шефот на УБК.
– Се очекуваше од мене да ја премолчам вистината за што имав притисоци – рече Камчева, а судијката ѝ предочи притисоците да ги пријави кај надлежните институции.
– Ќе се согласите ли со мене дека разговорите со Горан Николовски се водени надвор од УБК – праша адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски, на што Камчева одговори потврдно.
– Дали се сеќава Камчева дека преку лицето Бане Поповиќ таа побара средба со мене – праша Боки 13.
Ова прашање беше одбиено од судот зашто Камчева претходно одговори дека сите средби ги договарал Милевски.
Обвинителката Вилма Русковска ја праша Камчева дали директно разговарала со Јанева, а таа одговори дека Катица зборувала на спикерфон додека разговарала со нејзиниот сопруг.
Парите 350.000 евра беа во несесер, рече Камчева на прашање на адвокатот Сашо Дуковски, бранител на Боки.
Таа појасни дека кога нејзиниот сопруг Јордан Камчев му дал на Боки милион евра таа не била присутна, а дека средбите со Јовановски ги договарал Зоран Милевски Кичеец.
– Со Јанева зборувавме за децата. Ми рече дека благодарение на Бојан нејзиниот син се вработил, инаку би требало да оди да работи на брод – сведочеше претходно Ана.
Во меѓувреме Боки 13 беше изнесен од судницата поради нагон за повраќање. Сослушувањето на Камчева прекина на кратко по што продолжи со вкрстено испрашување.