Во Елисејската палата во Париз синоќа заврши самитот на лидерите на „Нормандската четворка“, а францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека состанокот бил продуктивен и дека самиот факт дека лидерите се наоѓаат еден покрај друг покажува кредибилно повторно почнување на мировните преговори.
Макрон ја поздрави „политичката храброст“ на украинскиот претседател Володомир Зеленски за кого состанокот во Норманскиот формат беше прв од ваков тип.
– Денеска навистина беше многу постигнато. Ова е прв состанок на претседателот Путин и претседателот Зеленски од април 2019 година, по изборот на господинот Зеленски. И сакам да му се заблагодарам на оваа вистинска одлучност и храброст која ја покажа во непосредното решавање на судирот во својата земја – изјави Макрон на прес конференцијата по завршувањето на самитот.
Според него, дискусијата на состанокот на Нормандската четворка го овозможи напредокот во многу прашања за решавањето на украинската криза, вклучувајќи ја и размената на заробеници.
Вчерашните разговори траеја 5,5 часа, вклучувајќи го и 1,5-часовниот прекин за одвоените средби во четири очи меѓу претседателите на Русија и на Украина.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е многу задоволна од самитот и дека лидерите на „четворката“ договориле дека постои потреба од посебна координација на политичките чекори за одржување на локалните избори во Донбас и додаде дека сите учесници на самитот покажале добра волја за политичко решавање на ситуацијата во Донбас.
Рускиот претседател изјави дека работата на „Нормандската четворка“ била многу корисна и дека Русија ќе направи сѐ за да го даде својот придонес во процесот на решавање на ситуацијата во Украина.
– Многу сме им благодарни (на лидерите на Франција и на Германија) што посветија толку внимание на ова прашање и вложија толку напори за да се постигне конечно решение. Од своја страна Русија ќе направи сѐ за да придонесе во овој правец – рече Путин на заедничката прес конференција.
Претседателот Зеленски кажа дека го отворил прашањето за повторното преземање на контролата над границата со Русија од страна на Киев и дека се надева дека на следниот состанок на „четворката“, по четири месеци, ќе се навратат на ова прашање.
Зеленски кажа дека Украина е подготвена да го реализира договорот постигнат во Париз, но дека тоа е „двонасочна улица“.
– Се надевам дека сите договори ќе се почитуваат, но сфаќаме дека само конкретни коалиции ќе бидат потврда на подготвеноста на сите за мир. Ние сме, од своја страна, подготвени да ги реализираме договорите, но тоа е двонасочна улица – изјави Зеленски.
Тој рече дека никогаш нема да се согласи на „федерализација на Украина“ и нема да дозволи притисок врз надворешната политика на земјата.
– Украина е унитарна држава, тоа е непроменлив член на Уставот на Украина и неприкосновен принцип на постоењето на државата – рече Зеленски.
Фото: