Здравство: Воведовме три нови типови на инсулин, нема паралелен увоз

Нема повеќе инсулини од паралелен увоз како порано и во државата донесени се оргинални инсулини со сертификат, какви што се носат во сите развиени европски земји.

151

Министерството за здравство соопшти дека е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес откако деновиве здружението на дијабетичари побара внимателност при паралелниот увоз на инсулин.

„Во 2018 година, направени се значајни реформи со измената на Законот за лекови и медицински средства. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз како порано и во државата донесени се оргинални инсулини со сертификат, какви што се носат во сите развиени европски земји. Воведени се три нови типови на инсулин, два инсулински аналози, инјектибилни и таблетарни. Со ова, значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот“, информираат од Министерството.

Со сите чинители, додаваат од Министерството, активно се работеше во изготвување на новата 10-годишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита, а по нејзиното носење почнува ревитализација на сите центри за дијабетес.

„Со Предлог-буџетот за 2020 година, обезбедуваме инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење на шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, во висина од 750 милиони денари“, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...