Соединетите Држави се силен поддржувач на аспирациите на Северна Македонија да биде просперитетна, безбедна и инклузивна демократија, целосно интегрирана во НАТО, во ЕУ и во другите трансатлантски институции. Многу важен дел од тоа е силното безбедносно партнерство меѓу нашите две држави, изјави амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз за МИА по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Амбасадорката додаде дека сега е време да се гледа напред, не назад – цврсто да се вгради нашата земја во евро-атлантските институции, да се зацврстат нејзините демократски институции, и да порасне економијата за подобар живот на сите граѓани, а особено за генерациите кои доаѓаат.
– Минатата недела во Лондон, бевме сведоци како Северна Македонија првпат седи на масата покрај генералниот секретар на НАТО, опкружена со своите идни сојузници. На почетокот на 2020, очекуваме и официјално да ви посакаме добредојде како наш 30-ти сојузник во НАТО. Во последните неколку месеци, патувам низ земјата, зборувам со студенти и слушам директно од нив. Младите кои ги среќавам се фокусирани на градење на иднина која во предвид ги зема нивните грижи и очекувања за постоење на фер однос, можности и транспарентност – рече Брнз.
Таа додаде дека тоа што денес постои жива дискусија за корупцијата е возможно заради напредокот што е постигнат во промовирањето на транспарентноста и одговорноста – и гаранциите дека за разлика од минатото, злоупотребите не се ставаат под тепих.
Оваа транспарентност, истакна амбасадорката, претставува нето позитивна придобивка за земјата. Зголемената транспарентност значи дека луѓето знаат повеќе за внатрешните состојби на нивната влада и можат да бараат корегирање на активностите.
Состојбата со слободата на медиумите, како што додаде Брнз, е многу подобрена во однос на состојбата од пред само неколку години, односно денес медиумите можат слободно да известуваат и да ја повикуваат владата на одговорност, без страв од директна или индиректна одмазда.
-Државната комисија за спречување на корупцијата има преземано важни чекори за попроактивно да се бори против високата корупција низ целиот политички спектар. Владата има преземано чекори да го подобри јавното управување со финансиите и нивната транспарентност, на пример преку лансирање на новиот портал Отворени финансии, што секој може да го користи онлајн ако сака да ги следи трошењата на државата – појасни Брнз.
Но, и покрај подобрената клима, амбасадорката истакна дека корупцијата сѐ уште претставува проблем. Со толкав остварен прогрес и со толку високо платена цена за корупција, Северна Македонија, според Брнз, не смее да си дозволи враќање назад.
– Зошто корупцијата е толку скапа и штетна? Како прво, таа подгрева нестабилност со тоа што го поткопува доброто владеење и што дава простор на криминалните елементи да владеат. Ја уништува вербата во институциите. Нема ништо подеморализирачко и пообесхрабрувачко за било кој граѓанин од уверувањето дека системот е нечесен и дека луѓето кои се на позиција на моќ не подлежат на истите правила. Таа, исто така ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и ги одвраќа оние бизниси кои бараат правилата на играта да важат за сите подеднакво – истакна Брнз.
Таа додаде дека борбата против корупцијата е борба што бара решителност од сите елементи во општеството: од граѓанското општество, од медиумите, од приватниот сектор, од судството, од институциите на системот и секако, од јавноста.
– Според извештајот на ОН за 2018, на светско ниво корупцијата годишно чини неверојатни $3,6 трилиони. Еден трилион долари се даваат годишно за поткуп, а останатите $2,6 трилиони се украдени. Ова е еднакво на повеќе од 5 проценти од глобалниот БДП, а оди за давање поткуп или кражби преку корупција – рече Брнз.
Според амбасадорката, нов Закон за Јавното обвинителство е суштествен за да се покаже национална посветеност во борбата против корупцијата и градење на посилно обвинителство како институција. Случаите на корупција што беа покренати од Специјалното јавно обвинителство, таа истакна дека мораат да продолжат на еден кредибилен начин.
– Многу е важно Собранието да избере квалификувани и компетентни раководители на институции, на легален и транспарентен начин. Тука спаѓаат Државниот завод за ревизија, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како и членови на совети при Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, јавниот радиодифузен сервис, и Судскиот совет – додаде амбасадорката.
Таа појасни дека овие институции, што се суштествени за надзор врз властите и нивната одговорност, се премногу долго оставени без челници или тие имаат истечени мандати. Тие, според неа, мора да бидат оснажени за да можат да ја извршуваат својата работа – на пример да набљудуваат како политичките партии трошат државни пари, да осигураат дека медиумите и политичките партии точно ги прикажуваат трошоците за реклами во електронските и онлајн медиуми што се финансирани од државата, и да осигураат дека истите правила важат за сите за време на изборните кампањи. Додаде дека Собранието треба да преземе дејствија сега за да покаже дека државата е посветена на постоење на систем на взаемна контрола.
– Штом Државната комисија за борба против корупцијата ја доврши својата национална стратегија за борба против корупцијата, Собранието треба да дејствува и да ја усвои пред следните национални избори. Секое одложување ќе ги доведе во прашање заложбите на земјата за унапредување на евро-атлантските интеграции – истакна Брнз.
Таа додаде дека навременото усвојување на стратегијата ќе биде вин-вин ситуација за општеството, а не бара речиси никаков напор, истакна Брнз.
– Демократска и просперитетна Северна Македонија заснована на вредностите на транспарентност и одговорност е одличен партнер за Соединетите Држави. Ќе продолжиме да работиме со луѓето и институциите на оваа земја за да се оддржи позитивниот импулс кон напредок и за да се создаде подобра иднина – рече амбасадорката