Бизнисменот Ванчо Чифлиганец се јави со реакција откако беше спомнат од бизнисменот Јордан Камчев на неговото денешно сведочење за случајот „Рекет“.
„Би сакал одговорно да ѝ соопштам на јавноста, дека во животот и конкретно во случајот, ниту ми е барано, ниту сум нудел од мое име, или во друго име, било каква недвижност, или каква било материјална корист. Одговорно тврдам дека во врска со конкретниот случај, немало никаква средба, ниту во мојот, ниту во нечиј друг стан.
Секогаш сум бил подготвен да им помагам на луѓето во согласност со законските прописи. Беспредметно е, дури и попатно спомнување на моето име“, наведува во реакцијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец.
На денешното сведочење Јордан Камчев рече дека индиректно имал комуникација и со обвинителката Лиле Стефанова, кај која бил распределен случајот „Империја“. Тој објасни дека преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец, му било барано да обезбеди деловен простор во зградата „пегла“ во Кисела Вода за стоматолошка ординација на блиска роднина на обвинителката Стефанова.