Одлучив да ги исплатам парите за да ја докажам вистината и да ја симнат лагата од мене, да ја докажам монструозноста на случајот и затоа што сакам во оваа држава конечно да завладее правото, рече Јордан Камчев на прашање на Боки 13-ка зошто го дал, како што рече, непостоечкиот милион евра.
– Кој ја зеде ташната од вашиот дом? – го праша Боки бизнисменот Камчев, а тој одговори дека тоа го направил Зоран Милевски Кичеец.
Боки праша што друго освен, како што рече, непостоечките милион евра, имало во торбата. Камчев одговори дека внатре имало весници за да се покријат парите.
– Дали јас присуствував кога се броеле парите од наводниот милион евра со таа ваша наводна Мими? – праша Боки 13.
– Не, броевме во друга соба, 5 минути пред да дојдеш – одговори Камчев.
Јовановски на тоа праша: „И што друго имаше во торбата?“, на што Камчев возврати: „Ништо“.
– Која е улогата на Наташа Савова во дистрибуцијата на нелегално снимените материјали? – праша Боки, на што Камчев одговори дека таа нема никаква улога во тоа.
– Милион евра во куфер и 175.000 евра на сметка на твојата ТВ, кај твојот татко – одговори Камчев на прашање на Боки дали некогаш му дал пари во готово.
– Во ниту еден случај не те наведував да ми вадиш слики од политичари, да ми покажуваш телефонски повици со политичари, да ја носиш Катица Јанева во „Аџибадем Систина“ на операција за слабеење што беше извршена. Бев повикан во твојот дом во присуство на Зоки Кичеец и на министерот за здравство Венко Филипче – одговори Камчев на прашање од Боки за тоа дали свесно злоупотребувал политичари и што правел бизнисменот во домот на Боки кон средината на март.
Камчев додаде дека тогаш му било понудено нешто што го одбил без да прецизира за што станува збор.
– Од одземените предмети во мојот дом има едно УСБ – рече Боки, но судијката го прекина кога Јовановски сакаше да каже што има во аудио снимката од УСБ-то.
Судијката Весна Николовска Масевска му забележа на Боки да поставува прашања, а не да кажува работи од одбраната, така што тој не докажа што има во УСБ-то.
На прашање на Дељо Кадиев адвокатот на Катица Јанева, Камчев рече дека никој не му понудил спогодување или да биде заштитен сведок во „Империја“.
Адвокатот Кадиев се интересираше како е можно Камчев да не го знае Лазар Јанев, а имал договор потпишан од него. Камчев рече дека стоело името на Лазар Јанев, но тој не може да тврди дали тоа бил негов потпис или бил фалсификуван.
Судењето ќе продолжи на 10 декември со изјава на сведокот Ана Камчева.
Пишуваат:
Стојанка Митреска
Александра Митевска