Европската Унија не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан, бидејќи и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на панелот „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“ во рамки на конференцијата „Балкански дијалози“, што се одржува во германскиот главен град Берлин.
– Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго, преговараат, две земји, односно Северна Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува – нагласи претседателот Пендаровски.
Според него, поради овие причини граѓаните на земјите од регионот полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваме бенефитите и вредностите од членството во Унијата.
– Тие се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција – додаде Пендаровски.
Како што соопшти неговиот Кабинет, Пендаровски во обраќањето го повтори ставот дека Македонија не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту пак е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува во текот на преговорите со Унијата.
Пендаровски нагласи дека Европската Унија не и е потребна на нашата земја само поради пристапот кон заедничкиот пазар, туку пред се заради политичките и демократски вредности кои ги има и кои се практикуваат во земјите членки на ЕУ.
– Истите вредности, за жал, сѐ уште не се на задоволително ниво, ниту во Северна Македонија, ниту пак во останатите земји од регионот на Западен Балкан – заклучи Пендаровски.
Во однос на разговорите меѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски истакна дека очекува ова прашање да биде затворено со „активно инволвирање на нашите западни пријатели, односно САД и ЕУ“, се наведува во соопштнието.