За почеток, еден неврохирург од нашата Клиника в година треба да замине на 6-месечна едукација во Турција, токму кај проф. д-р. Мемет Озек во болницата „Аџибадем Алтунизаде“ во Истанбул. А ние и досега сме имале оддел за детска неврохирургија каде се третираат голем дел од децата и бебињата и тоа за многу дијагнози. Токму вчера се изведе операција на дете со тумор на мозок, вели за Плусинфо, д-р Владимир Рендевски, в.д. директор на Универзитетската Клиника за неврохирургија во Скопје.
Тој есенва ја посетил болницата во Истанбул, каде се сретнал и со нашинецот од Гостивар, д-р Енис Шабан, кој е раководител на Центарот за контрола на движење, а кој изрази очекување и наши лекари да ги посетуваат едукациите, па и субспецијализациите кај реномираниот детски неврохирург, д-р Озек.
Досега, според него, имало мала заинтересираност од нашите лекари, па не дошло и до конкретна соработка.
– Бев на семинар во Истанбул, каде лично се сретнав со проф. д-р Озек и со д-р Енес и начелно е договорена соработка за субспецијалзиација, односно 6-месечна обука за детска неврохирургија кај нив во болницата „Аџибадем“. Тоа се Fellowship програми, a планираме од јануари в година да испратиме наш колега на оваа програма за детска неврохирургија. Сѐ е веќе договорено, ама усно, сѐ уште не финалиизравме и не потпишавме никаков договор. Малку се зачудив кога прочитав дека лекари од кај нас не пројавиле заинтересираност за овие програми, можеби дека сѐ уште немаме ништо потпишано и деталите уште не сме ги прецизирале – појаснува д-р Рендевски и додава кај нас на Клиниката има оддел за детска неврохирургија каде колегите оперираат деца.
– Имаме колеги кои оперираат годишно по околу 20 деца, но и бебиња, а се вршат операции на голем дел тумори, одредени врсти хидроцефалуси, малформации на черепот, како и малформации во рбетниот столб. Децата ги оперираме во сала број 5, тоа е детската соба, а раководител на одделот е проф. д-р Владимир Мирчевски, со кого оперираат и неколку други колеги – нагласува д-р Рендевски.