Ни изгаси возилото на пат кон резиденцијата накај Водно, се скина каишоти, закочи воланот. Возилото излета од патот. Ако истото се случеше на отворен пат штета ќе беше многу поголема, рече четвртиот сведок на денешното рочиште кој бил во тимот на обезбедување на Груевски и на техничкиот премиер Емил Димитриев, а во дел од службата работел и како личен шофер.
Новиот мерцедес, посочи овој сведок дека бил користен и за странски делегации, во него се возеле Бан Ки-мун, бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Ова не е прв сведок кој кажува дека стариот мерцедес во кој се возел Груевски излетал од патот. На минатото рочиште, друг член од обезбедувањето кажа дека поради дефект возилото излетало и кај американската резиденција и се удрило во ограда од двор на куќа при што искршило неколку столбчиња. Тогаш Груевски не бил во автомобилот.
На денешното рочиште сведочеше и други лица од обезнедубањеро. Исказите на сите се во насока дека старите блиндирани возила не биле во добра состојба, по месец- два биле во сервис итн.
Еден од нив кажа дека од 2010 возел ескортно возило обезбедување, а со возилата имал допир и порано бидејќи од 2001 до 2004 работел во обезбедувањето на тогашниот претседател Борис Трајковски.
– Тие возила се произведени околу 1999. Кога работев во 2001 кај претседателот ма државата беа истите возила ама беа само една-две години стари. Во 2010 кога почнав да возам ескортно возило за онезбедубање видов дека не ги задоволуваат потребите на службата. Често имаа дефекти и по месец-два бис на сервис – рече сведокот.
Тој кажа дека барале да се набават нови возила бидејќи постоечките не ги задоволувале потребите. Се потсети дека добиле две ескортни возила за обезбедување, а во 2012 бил купен мерцедесот.
– Не знам која година беше, добивме две ескортни возила. Тие не беа блиндирани. Се користеа за ескортно обезбедување на ВИП возила. Потоа во 2012 го добивме Новото блиндирано возило. Него го користевме само кога излегувавме надвор од Скопје на долг пат. Во Скопје го возевме старото. Новото возило исто така го отстапуваме и за странски делегации затоа што само тоа ги задоволуваше потребите – рече сведокот.
По овој сведочеше уште еден член од обезбедување. Од 2007 го обезбедувал Груевски како премиер. Исто како и претходните сведоци кажа дека старите блиндирани возила често било во дефект и не ги задоволувале потребите, позајмувале возила и од другите служби во МВР.
– Со оглед на тоа дека е старо и често беше на сервис се случувало ВИП личноста да ја превезуваме и во неблендирано возило и личноста не била 100 отсто заштитена – рече сведокот.
Посочи дека имало четири блиндирани возила но едно било во дефект поради сообраќајка а останатите ги користеле претседателите на државата, Владата и Собранието, а ги позајмувале и за странски делегации.
За новиот мерцедес сите кажаа дека го користеле и странски делегации.