Собраниската Комисија за култура денеска на седница ја усвои Предлог-програмата за одбележување јубилеи на значајни настани и истакнати личности во 2020 година која содржи 63 предлози.
Членовите од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во работната група што ја составувше Предлог-програмата, а гласаа и воздржано со најава дека дополнително ќе достават предлози на пленарната седница. Претседателката на Комисијата Ирена Стефоска очекува таа да биде закажана овој месец за програмата да биде усвоена пред распуштање на Парламентот и да не се повтори 2019-та која помина без донесена програма за јубилејни годишнини.
И оваа година институциите биле пасивни и неажурни во доставувањето предлози за јубилеи. Работната група на Комисијата пратила повици до 127 институции и до сите општини и Град Скопје, а предлози (вкупно 160) добиле само од 31 институција, четири информирале дека немаат предлози, а останатите воопшто не одговориле. Меѓу најактивните и со најмногу предлози беше посочен Музеј и завод за заштита Прилеп.
Според членовите на Комисијата, незаинтересираноста се должи на тоа што за одбележување на годишнините институциите не добиваат пари од Собранието како што веројатно очекуваат, туку нив треба сами да ги финансираат. Тоа е причината и за голем број институции со прифатени предлози за годишнини кои потоа не ги организираат.
– За жал, само 20 до 30 отсто се реализираат. Не може да се види одговорност кај институциите во нивното одбележување. Ги забораваат кога ќе разберат дека не им следуваат средства од Собранието – рече Стефова.
Дискутирајќи како да ги мотивираат институциите, пратеничката Магдалена Манаскова предложи програмата во иднина да се составува порано во тековната година за оние институции што ќе имаат одобрени предлози да може да аплицираат за поддршка во септември на конкурсите од Годишната програма на Министерството за култура.
Пратеникот Ферид Мухиќ предложи Собранието по самостојна одлука да избере позначајни јубилеи што ќе ги поддржи финансиски, но тие да бидат ретки, оправдани и, како што рече, со полна аргументација.
За да се воведат новини заклучија дека треба да се измени Одлуката за одбележување јубилеи која е од 1998 година. Предложија таа да се ревидира зашто е веќе застарената и во однос на критериумите што ги одредува – за значајност и за временски интервал на годишнините.
Пратениците и со забелешки за недонесувањето на програмата за одбележување јубилеи во 2019 година. Елизабета Канческа-Милевска рече дека тоа е голем пропуст, пред сè на матичната – комисија за култура.
Нејзиниот сопартиец Крсте Јовановски предложи со вонредна иницијатива, како што рече, да се исправи грешката за неправедното запоставување на Кочо Рацин за до крајот на годинава да се одбележат 80 години од објавувањето на неговата стихозбирка „Бели мугри“ во 1939. Предлогот беше прифатен, а во таа иницијатива ќе влезат и одбележувањата на уште две годишнини од оваа година – за професорите по филозофија Јонче Јосифовски (1919) и Митко Илиевски (1924).
Меѓу 63-те годишнини што се предложени за одбележување во 2020 се: 110 години од раѓањето на Мајка Тереза, годишнини од смртта на просветителите Јоаким Крчовски (200 години) и Кирил Пејчиновиќ (175 години), 100 години од основањето на Филозофскиот факултет и 70 години од ДЛУМ, еден век од раѓањето и 20 години од смртта на Славко Јаневски, 75 години од победата над фашизмот, 50 години од смртта на Параскеви Кирјази, 40 години од смртта на Јосип Броз Тито, 10 од смртта на Гане Тодоровски и Атина Бојаџи…