Секој одговорен сопственик треба да ги микрочипира домашните миленици, а нивното напуштање е казниво со закон. Ова се двете пораки кои од денеска по скопските улици ќе ги пренесува автобусот број „2“ како дел од кампањата за благосостојба на животните што ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Автобусот што сообраќа на реалацијата Автокоманда – Сарај е веќе облепен со паролите и така ќе вози низ градот еден месец.
Кампањата е за одговорно сопствеништво, официјално почнува денеска и е во рамки на ИПА проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”. Акцентот на предвидените активности (работилници и едукативни настани со деца) е ставен на потребата од стерилизација и микрочипирање на милениците како едни од основните мерки за намалување на популацијата бездомни животни.
– Уште еднаш сакаме да укажеме на обврската за одговорно сопствеништво. Потсетуваме и апелираме сопствениците до крајот на годинава да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на милениците. Рокот трае до 31 декември – рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов на промотоивниот настан во Министерството за земјоделство.
Според АХВ, досега се чипирани вкупно 72.311 миленици од кои најмногу кучиња.