Министерката за правда Рената Дескоска денеска учествува на сесија на Комитетот на министри за човекови права во Стразбур, кој го надгледува извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Напорите на владата и на Министерството за правда во спречувањето тортура и несоодветен третман, како и спречување на нивната неказнивост, беа признати од Комитетот со затворање на надзорот врз случајот „Ел Масри“, и спуштање на нивото на надзор во случајот „Хајрулаху“. Во случаите „Ел Масри“ и „Хајрулаху“, Судот во Стразбур утврди, меѓу другите и повреда на членот 3 од Конвенцјијата, соопшти Министерството за правда.
Во својот говор министерката Дескоска ја нагласи посветеноста на Северна Македонија за почитување на човековите права, владеењето на правото и градење на демократијата.
Со исполнување на сите обврски во случајот „Ел Масри“, испративме порака до сите европски држави дека нема толеранција за тортура и дека особено е значајно да се почитуваат правата – дури и во деликатни ситуации кога постои закана за тероризам или за безбедноста.
– Владата воспостави надворешни контролни механизми во согласност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во случаите „Ел Масри“ и „Хајрулаху“ – истакна Дескоска.
Надзорната структура е воспоставена преку Посебното одделение за истраги на лица со полициски овластувања, како и надзор од народниот правобранител и граѓанското општество.
На крајот на дебатата, Комитетот донесе финална резолуција за затворање на случајот „Ел Масри“ и спуштање на надзорот над имплементација над случајот „Хајрулаху“, за чие целосно затворање се потребни измени во Кривичниот законик.