Брзото возење главна причина за сообраќајки

РСБСП, sо намалување на просечната брзина за само еден км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за четири проценти

48

Брзото возење и натаму е доминантна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици, според статистиката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Кога е во прашање брзото возење, како што велат од РСБСП, главно, има три групи на возачи: оние кои целосно и безусловно ги почитуваат правилата за ограничување на брзината;  возачи кои понекогаш ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината или го прават тоа во рамки на отстапувања кои според нивно мислење се прифатливи и возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината

Првата група – возачите кои секогаш ги почитуваат правилата за ограничување на брзината се совесни и одговорни личности. Втората група возачи, оние кои само понекогаш возат повеќе од дозволеното и тоа најчесто возат за 10 до 30 км/ч повеќе од дозволеното се многубројни.

„Овие возачи делумно се свесни за последиците од сообраќајните незгоди, но во исто време недозволено си даваат право на слободно толкување на сообраќајните правила и прописи. Овие возачи, кои ги има најмногу, убедени се дека минималното прекршување на сообраќајните правила и прописи, односно минимално пречекорување на дозволената брзина нема битно да влијае на тоа дали ќе се случи или не одредена сообраќајна незгода и нема да влијае на тоа дали и какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди“, велат РСБСП.

Оттаму додаваат дека тоа е всушност и најголемата грешка и оти науката и статистиката го покажуваат токму спротивното. Истражувањата, се посочува во соопштението, покажуваат дека сопирачкиот пат на возило кое се движи со брзина од 50 км/ч е 26 метри, додека сопирачкиот пат на возило со брзина од 60 км/ч е 34 метри.

„Важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. Со намалување на просечната брзина за само еден км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за четири проценти и за два проценти би се намалил бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место“, се наведува во соопштението од РСБСП.

Фактот дека побавното возење е побезбедено, според Советот, се потврдува и со фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило со брзина од 50 км на час е 85 проценти, додека веројатноста пешак да загине при удар на возило со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти.

„Брзината е клучен фактор на ризик за безбедноста на најранливите групи учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, стари лица и деца), а исто така брзината е клучен фактор за сериозноста на последиците за возачите и патниците во возилата“, наведуваат од РСБСП.

Според Советот, постои и третата група- возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината и достигнуваат брзини кои за 30 км/ч и повеќе се поголеми од дозволените, и оти тие ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди и не спаѓаат во групата на свесни и совесни возачи, така што треба да им се одзема правото за управување на моторно возило. За оваа категорија на возачи,  велат од РСБСП, прашање на време е кога ќе се случи сообраќајна незгода, кој ќе настрада и кои ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.

Затоа од РСБСП апелираат да се возачите да ја намалат брзината на возење и да возат повнимателно.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...