Шефот на обезбедувањето на Јанкуловска: Се каравме со министерката да се набави ново возило

1628

Шефот на обезбедувањето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, Виктор Белевски е првиот сведок на денешното рочиште во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот. Тој рече дека од сите блиндирани возила, тоа што го користел екс премиерот Никола Груевски било најпроблематично.

– Под моја надлежност беа сите возила кои ни припаѓаат едно од тие беше и мерцедесот произведен 1999 година. Наредните десет години додека ги користевме најпроблематично беше тоа возило. Имаше проблеми со откажување на кочниците, климата и амортизерите. Во еден наврат дојдовме во вербална расправија со министерката Јанкуловска за тоа возило. Бидејќи не беше сигурно инсистирав да се повлече од служба. Таа одговори дека друго немаме и тоа што имаме тоа ќе го користиме – рече шефот на обезбедување.

Тој кажа дека старите возила кога ќе се расипеле за поправка се чекало подолг период бидејќи биле комплицирани и околу набавката на деловите. Тоа траело со месеци и морале, како што рече, да се снаоѓаат со останатите возила на ВИП личностите. Позајмувале возила и кога доаѓале странски делегации, а со тоа ја загрозувале безбедноста на домашните ВИП личности.

Сведокот зборуваше и за ситуации кога немале блиндирано возило бидејќи го позајмувале тоа на Јанкуловака.

– Во 2011 на средба со граѓани во Јегуновце се случи инцидент каде имаше вооружен судир меѓу криминална банда и МВР. Ние се најдовме во средина на тоа препукување каде морав да интервенирам, а бидејќи немав блиндирано возило министерката ја сместивме во најблизок објект кој според моите проценки беше безбеден. Од друга страна наредив на моите потчинети што поскоро да обезбедат блиндирано возило и да дојдат на местото на настанот. Тоа траеше околу еден час за да можеме да ја повлечеме министерката и да се повлечеме – раскажа шефот на обезбедувањето на Јанкуловска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...