Шпанскиот премиер Пендро Санчез му дал ветување на премиерот Зоран Заев дека неговата земја мошне скоро ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
Заев вчера на маргините на Самитот на НАТО во Лондон добил лично уверување од
од Санчез дека Шпанија многу скоро, во јануари ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја за членство во НАТО во Вашингтон.
Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во оваа земја, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.
По изборите во ноември, шпанските пратеници завчера се вратија во Парламентот, но и понатаму нема јасни знаци дека наскоро ќе биде формирана нова влада и ќе бидат избегнати нови избори. Кралот Фелипе Шестти по конститутивната седница на Парламентот следните неколку недели треба да се сретне со лидерите на парламентарните партии со цел да се избере мандатар.
Актуелниот премиер Педро Санчез има најголеми шанси да биде мандатар, бидејќи неговата Социјалистичка партија на изборите одржани на 11 октомври освои 120 пратенички места. Санчез потпиша договор со левичарската партија „Заедно можеме“ (Унидас Подемос), која освои 32 места во Парламентот. За формирање владејачка коалиција потребни се 176 од вкупно 350 пратеници во Парламентот.
Делегација на Северна Македонија, предводена од премиерот Заев вчера и завчера учествуваше на Самитот на НАТО во Лондон каде беше поздравена од генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, но и од лидерите на земјите-членки како 30 членка на НАТО.
– Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од Алијансата, се остварува на сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел – рече Заев вчера во Лондон.
Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.
Во земјава сите се согласни во едно – членството во НАТО е стратешка цел број еден и тоа никој не го оспорува, но не постои согласно околу тоа дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот.
ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со иницијатива до Владата во најскоро можно време до Собранието да го достави Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и на Пристапниот протокол за членство.
– Нашата иницијатива има за цел да го забрза и да го обезбеди ратификувањето на Северноатланскиот договор и Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Собранието, пред истото да се распушти заради одржување на предвремените парламентари избори, кои треба да се одржат на 12-ти април 2020 година – образложи вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, додавајќи дека ваквата постапка е во пракса, која се применила при влезот на Црна Гора во НАТО.
Тогаш во април 2017 година, Парламентот во Подгорица предвремено ги ратификуваше овие документи, а ратификацијата на протоколот за пристапување на Црна гора во НАТО од страна на Холандија и Шпанија се случила еден месец подоцна, во мај 2017 година.
Од партијата со апел до Талат Џафери најбрзо што може да ја испрати иницијативата до Владата, а собранискиот спикер вчера за тоа се прогласи за ненадлежен.
Тој вчера рече дека Владата, а не Собранието е надлежна за постапување по иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.