Опфатот на амнестијата за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година, најверојатно, останува ист. Мнозинството уставни судии, во расправата на денешната седница, се изјаснија дека не ја поддржуваат иницијативата за оценување на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија, што лани ова време го донесе Собранието. Со амнестијата не беа опфатени организаторите и директните учесници во насилствата за време на изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом.
Уставните судии заклучија дека Судот не може да се стави на местото на Собранието, кое има право да одлучува за кого може, а за кого не може да има амнестија. Подносител на иницијативата за оценување на Законот за амнестија е поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој ја доби највисоката казна за „крвавиот четврток“, односно треба да одлежи 18 години затвор. Чавков ја спори селективноста на амнестијата, со оглед на тоа што од одговорност не беа ослободени сите обвинети за овој случај, кои се товареа за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Судијата-известител Владимир Стојановски кажа дека не може Уставниот суд да му кажува на Собранието, кое е надлежно да донесе закон за амнестија дали да амнестира.
Судијата Осман Кадриу рече дека Чавков, како подносител на иницијативата, е лишен од едно уставно право, со тоа што е лишен од слобода.
-Амнестијата е во надлежност само на парламентот, додека помилувањето и аболицијата се во надлежност на шефот на државата. Амнестијата се дава со закон што го донесува Собранието и не се дава на лица со име и презиме, туку групно- рече Кадриу.
Тој рече дека ова е шести закон за амнестија донесен од парламентот.
По дебатата за точките од дневниот ред на денешната седница, уставните судии и формално ќе се изјаснат дали ќе поведат постапка по иницијативата за оценување на уставноста на Законот за амнестија, со кој беа амнестирани и пратеници од листите на ВМРО-ДПМНЕ, од кои дел потоагласаа за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.
Фото: EPA/MAJA ZLATEVSKA