Пратеникот Арнаудов си ги бара мобилните телефони, Русковска вели нејзе не ѝ требаат

5629

Љубен Арнаудов, пратеникот кој беше амнестиран за случајот „27 април“ се жали дека шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска година дена по амнестијата не му ги дава двата телефона кои му биле одземени од Обвинителството. Русковска за Плусинфо вели дека не може да му даде нешто што не е кај неа, односно дека Арнаудов телефоните ги бара на погрешна адреса.

– Русковска една година по амнестијата не ми ги дава двата телефона. Едниот е собраниски, а другиот мибилен е мој, приватен. Се обидов и преку адвокатот да си ги земам телефоните, но нѐ мавтаат и не знам веќе кому да се обратам – се пожали пратеникот Арнаудов.

Русковска вели дека во Обвинителството нема телефони на амнестираните од „27 април“.

– Двата телефона на Љубен Арнаудов од Обвинителството се испратени до Основниот суд Скопје 1 на 12 декември 2018 година. Ние не можеме да вратиме нешто што немаме. Мене не ми требаат телефоните на Арнаудов. По амнестијата ги сопревме сите наредби за вештачење на телефоните на амнестираните лица, меѓу кои и на пратеникот Арнаудов – ни изјави Русковска.

Од Обвинителството објаснуваат дека кога се земаат телефони на осомничени и обвинети лица тие се или во Обвинителството, во форензика на вештачење или во судот.

Интересно е дека Арнаудов алармира дека сѐ уште не може да си ги земе мобилните во моментот кога амнестијата за дел од актерите од „крвавиот четврток“ е топ тема откако Уставниот суд денеска треба да расправа за иницијативата за оценување на уставноста на дел од Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Подносител на иницијативата за оценување на делови од овој закон е поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков кој беше осуден на 18 години казна затвор.

Со Законот беа амнестирани само обвинетите кои не се идентификувани како организатори или директни учесници во насилствата во Собранието.

За настаните од 27 април 2017 година од 33 обвинети и осудени, 15 беа амнестирани. Меѓу нив и пратениците, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои потоа гласаа за уставните измени и промена на името. Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои беа водачи на протестите на „За заедничка Македонија“. Игор Дурловски пак не поднесе барање за амнестија и доби ослободителна пресуда.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...