Јас лично Боки го запознав кога првпат отидов да гостувам на таа телевизија, а во ресторан сум била со него само кога беше прославата на 1ТВ и толку беше од нашите седења и дружења по ресторани. Сето она друго што го кажа Јованоски е невистина, рече обвинителката Вилма Русковска откако заврши првото рочиште на „Рекет“, а во врска со исказот на Боки даден на судењето дека и со обвинителката во случајот во кој е првообвинет седел по ресторани, а не само со Катица Јанева.
Русковска додаде дека се познава со мајката на Боки 13 од прво одделение, биле иста генерација.
Обвинителката за изјавата на Јовановски дека камерите во домот на неговите родители ќе докажат каде е торбата со пари, Рускоска рече дека не знае дали тоа вештачење е завршено и дека доколку е така „ќе биде добро ако се утврди каде завршиле парите“.
На новинарско прашање за почетокот на воведниот збор каде го спореди предметот „Рекет“ со филмот „Чарлиевите ангели“, обвинителката Рускоска рече дека таа направила аналогија со тој филм.
– Секако дека сум го гледала, но не сум ја гледала македонската верзија, документарецот што тие си ја снимаа за себе и затоа почнав со Чарлиевите ангели, мислејќи на документарецот – рече Русковска.
В петок на 6 декември се очекува да продолжи судењето за „Рекет“, а пресудата за Зоран Милевски – Кичеец кој единствено призна вина, судот ќе ја изрече утре напладне.
– Очекував повеќе признанија за вина, не само од еден – изјави Русковска.