Заев: Блокадата на преговорите со ЕУ беше многу нефер

171

Премиерот Зоран Заев запрашан за блокадата на францускиот претседател, Емануел Макрон, во октомври, за ЕУ преговорите со Северна Македонија повтори дека оваа одлука предизвика големо разочарување за македонските граѓани.

Заев ова го изјави во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира“ на маргините на лидерскиот самит на НАТО кој се одржува утре во Лондон.

– Ова беше многу нефер за нас, ние сме кандидати за ЕУ петнаесет години, сите 28 земји членки потврдија во Советот на ЕУ дека сме ги исполниле реформите, најдовме решение со Грција и Бугарија, го сменивме нашето уставно име и одлуката дека на ЕУ и е потребно повеќе време беше многу дестабилизирачка за нас, многу бевме разочарани, но ние продолжуваме со реформите и се надевам дека оваа грешка ќе биде поправена многу скоро – изјави Зоран Заев.

Тој и се заблагодари на Полска и на другите земји од Вишеградската група за нивната поддршка на реформскиот пат кон ЕУ и НАТО.

– Полска е една од земјите кои највеќе нѐ поддржаа да ги решиме не само билатералните спорови, туку и да изнајдеме решенија со Бугарија и Грција, таквата политика од сите земјите од Вишеградската група е добар пример за нас, тие го споделија нивното искуство со нас – изјави премиерот во Лондон.

Премиерот Заев заедно со министрите Шеќеринска, Димитров и вицепремиерот Османи учествува на самитот на лидерите на земјите членки на НАТО кој формално се одржува утре. На маргините денеска се одржуваат билатерални средби како и конференцијата „НАТО се ангажира“.

Северноатлантската алијанса оваа година одбележува седумдесет години од своето постоење во контекст на длабоки несогласувања помеѓу Турција, Франција и САД.

Фото: EPA/OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...