Добивме воен претставник во НАТО, но не и амбасадор

Претседателот Стево Пендаровски, во координација со министерката Радмила Шекеринска, донел одлука полковник од Министерството за одбрана да ја претставува земјава во мисијата во Брисел, ама сега се чека „виза“ за кандидатот од Канцеларијата за безбедност на НАТО

844

Претседателот Стево Пендаровски донел одлука за поставување воен претставник за НАТО и ЕУ во Канцеларијата на воената мисија на С. Македонија во седиштето на НАТО и ЕУ во Брисел. Кандидатот, според информации од претседателскиот кабинет, е полковник од Министерството за одбрана. Откако ќе се формализира процедурата со НАТО,  нотификација од наша страна и одобрение од страна на НАТО, претседателот може да потпише указ со што и полковникот ќе биде поставен за висок воен претставник. Дотогаш, како што велат од кабинетот на Пендаровски, нема да го објават името на кандидатот за воен претставник во НАТО.

Иако имаше најави дека до самитот  во Лондон, кој почна денеска, Македонија ќе испрати воен претставник во Брисел, последните информации се дека шефот на државата ќе треба да почека одговор од Канцеларијата за безбедност на Алијансата пред да го потпише указот за испраќање на полковникот од МО во мисијата во Брисел.

Исто така, нашата делегација отпатува на самитот на НАТО без амбасадор на земјава во седиштето на Алијансата во Брисел. Иако имаше најави дека до крајот на минатиот месец ќе биде именуван и дипломатскиот претставник на земјава во НАТО, од владата информираа дека на денешната владина седница не е ставена на дневен ред точка за именување на амбасадор во НАТО. Во отсуство на премиерот Зоран Заев и министрите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Никола Димитров, денешната владина седница ја води вицепремирот Кочо Анѓушев. Но и да се случи денеска да биде утврден кандидат за амбасадор во НАТО, процедурата за негово именување не може да заврши веднаш затоа што постапката се враќа во МНР, а потоа продолжува кај шефот на државата.

Воениот претставник во НАТО се избира на конкурс што го распишува Министерство за одбрана. Потоа се прави рангирање на кандидатите, така што министерката за одбрана Радмила Шеќеринска му испратила на претседателот потесен список на кандидати, од кои тој го избрал полковникот од МО. Сега, Министерството за одбрана  треба да го информира НАТО и да побара одобрение за кандидатот.

Македонија подолго време е без воен претставник во НАТО, откако оттаму се врати генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кога поранешниот претседател Ѓорге Иванов, летото 2018 година, го именуваше за началник на Генералштабот на Армијата – функција што сè уште ја извршува. Иванов се обиде да го испрати во Брисел бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кого го именуваше на функција во предвечерието на претседателските избори и без согласност од Министерството за одбрана.  Но, сите укази за унапредувања и именувања во Армијата и во Генералштабот што Иванов ги објави на 25 февруари годинава, паднаа во вода со заклучокот на Антикорупциската комисија дека тогашниот претседател во заминување постапил спротивно на Изборниот законик и на Законот за спречување корупција и судир на интереси.  Врз основа на тој заклучок на ДКСК, Пендаровски летоска, практично, ги поништи указите на Иванов, со тоа што потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата.

Иако имаше најави дека до самитот  во Лондон, кој почна денеска, Македонија ќе испрати воен претставник во Брисел, последните информации се дека шефот на државата ќе треба да почека одговор од Канцеларијата за безбедност на Алијансата пред да го потпише указот за испраќање на полковникот од МО во мисијата во Брисел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...