Крсте Шајноски, вонреден професор на постдипломските студии на Институтот за бизнис и економија ќе го замени Климе Попоски на челната позиција во Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување следните пет години.
Неговото именување треба да се случи на седница на Собранието закажана за 11 декември.
Шајноски е предложен од владата во ноември годинава кога и истече вториот мандат од пет години на досегашниот претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски. Попоски првпат беше избран за претседател на Советот на експерти на Агенцијата во ноември 2009 година.
Шајноски во својот професионален ангажман покај професорската работа моментално е и консултант на Илирика фонд менаџмент и сопственик и управител на порталот Фактор.
Претходно бил консултант на осигурителните друштва Кроација, но и доцент на Економскиот факултет во Штип. Тој бил ангажиран и во Македонскиот институт за медиуми и во Високата школа за медиуми како предавач и професор. Работел и како инвестициски советник и како новинар во ТВ Телма.
Покрај Шајноски, пратениците ќе треба да го именуваат Злате Симоновски за член на Советот на експерти на ова регулаторно тело со мандат од пет години. Тој е актуелен извршен член на Советот на експерти.