Шокантно предупредување од ФБИ: Паметните телевизори ве шпионираат, хакерите можат да ви видат сè дома!

Ваквите телевизори, бидејќи за разлика од обичните овозможуваат поврзаност со интернет, се особено ранливи. На тоа предупредува дури и американското ФБИ.

582

Во сезоната на големи попусти на крајот од годината и од Црниот петок наваму, електронските уреди се особено барани, а меѓу нив сe и т.н. паметни телевизори.

Сепак, ваквите телевизори, бидејќи за разлика од обичните овозможуваат поврзаност со интернет, се особено ранливи. На тоа предупредува дури и американското ФБИ.

Во новата објава на блогот на преставништвото на ФБИ во Орегон се објаснува дека интернет-врската на телевизорот, иако овозможува пристап до популарни платформи за стриминг, како што е „Нетфликс“, исто така им овозможува на хакерите да влезат во вашиот дом преку незаштитен телевизиски уред, а потоа да дојдат и до вашиот интернет-рутер.

„Хакерите можат да ја преземат контролата врз вашиот незаштитен телевизор. На долниот дел од спектарот за ризик тие можат да менуваат канали, да си играат со јачината на тонот и да им прикажуваат на вашите деца несоодветни видеа. Во најлош случај, тие можат да ги вклучат камерата и микрофонот на вашиот телевизор во спалната соба и да ве шпионираат“, пишува ФБИ во предупредувачкиот текст.

Во своето предупредување, ФБИ исто така истакнува и некои корисни совети за да помогне за заштита на паметните телевизори:

– Знајте ги сите опции на вашиот телевизор и како да ги контролирате. Пребарувајте на интернет со бројот на моделот на вашиот телевизор, особено за контролите на микрофонот, камерата и опциите за приватност.

– Не потпирајте се на поставките за безбедност кои се наместени како стандардни. Променете ги лозинките и научете како да ги исклучите камерата, микрофонот и опцијата за прибирање на ваши лични информации доколку е тоа возможно. Ако не можете да ги исклучите, размислете дали сте подготвени да ризикувате со купување на тој модел или со користење на ваквите услуги.

– Ако не можете да ја исклучите камерата, но не сакате да ве следат преку неа, залепете непроѕирна леплива лента преку леќите.

– Проверете ја можноста вашиот уред да го надградите со нови безбедносни ажурирања. Дали може тоа да се направи и дали веќе сте го правеле во минатото?

– Проверете ја политиката за приватност на производителот на вашиот телевизор и услугата за стриминг што ја користите. Потврдете кои информации сакате да ги направите јавно достапни и како истите можат да се користат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...