Кој сака на судиите да им пресуди по „кратка постапка“?

Нема да добиеме независно судство ако од судиите правиме државни непријатели. Судиите мора да бидат ослободени од притисоците на политикантите, на партиските навивачи, на фановите и хејтерите на социјалните мрежи, на сите кои се обидуваат на судството и на судиите да им пресудат по „кратка постапка“.

9002

Хајката што се води во јавноста против судиите на Уставниот суд, кои в среда ќе одлучуваат за уставноста на членот 11а од Законот за помилување (врз основа на кој поранешниот претседател Ѓорги Иванов помилува 56 лица, а потоа ја повлече одлуката), ме потсети на јавниот притисок што своевремено се изврши врз поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, по повод познатото начелно правно мислење на Судот, кое во јавноста беше оценето како обид за уривање на Специјалното јавно обвинителство.

Секогаш истите етикети

Да се потсетиме на тој случај. Врховниот суд на 30 јануари лани донесе начелно право мислење, според кое СЈО по 30 јуни 2017 не е овластен да покренува нови истраги. Не Јово Вангеловски, туку 15 од 17 врховни судии одлучија така, читајќи ја едноставната и совршено јасна одредба од членот 22 на Законот за СЈО. Потоа, ако ви текнува, се разви дебата дали начелното право мислење е обврзувачко за Кривичниот суд, а врховните судии веднаш беа ставени на столбот на срамот. Огромното мнозинство судии на Врховниот суд (меѓу кои повеќето сигурно не се симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и на груевци) беа јавно напаѓани дека биле заштитници на „криминалната банда“. Претседателот Вангеловски подоцна беше принуден да се повлече од Судот. Под атака беше и оној мал дел од стручната и од општата јавност кој се приклони кон едноставното, прецизно и неспорно правно мислење на врховните судии. Во групата нападнати бев и јас.

Можеби некој ќе се сети дека тогаш судијата Вангеловски нагласи дека за истрагите за кои не е покренато обвинение во предвидениот рок, постапките треба да продолжат во редовното обвинителство (без да прецизира на кој начин). И малку подоцна, но сега во сосема други околности – имено, по распадот на СЈО, поради основаните сомневања за инволвираноста на специјалната обвинителка Катица Јанева во аферата „Рекет“ – се случи токму она што го предвиде Вангеловски.

Но, дури и тогаш имаше поинакви стручни мислења на правни експерти, дека трансферот на предметите од СЈО во редовното обвинителство не може да се изведе без правни последици врз започнатите предмети. Сега веќе се покажува дека мислењата на тие правници не биле без основа. А и тие луѓе беа напаѓани со истата етикета, дека се заштитници на „криминалната банда“ и на „мафијата“.

Политички игранки и навивачки страсти

Навивачките страсти со кои сега се напаѓаат уставните судии – овој пат навистина безобразно до коска, уште пред да донесат било каква одлука! – ни покажуваат дека нашето непочитување на независното судство и политичките притисоци достигнуваат кулминација. Се огласи и Уставниот суд, со реакција во која, меѓу другото, пишуваше: „Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии“. Во реакцијата на уставните судии се потсетува дека темелни вредности на нашиот уставно-правен поредок, покрај другите, се владеењето на правото и поделбата на власта. И затоа, „за Уставниот суд е неприфатливо некој да се меша или да влијае во неговата работа и одлучувањето“.

Јас ја разбирам загриженоста на дел од јавноста поради фактот што уставните судии по три години ја вадат од фиока иницијативата што ја поднесе адвокатот Зоран Стојановски. Дел од јавноста овој потег го толкува како обид на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на врвот на ДУИ да се спасат од случаите на СЈО. Но, друг дел од јавноста се сомнева дека ова е трик на Зоран Заев и на СДСМ, во обид да создадат перцепција во јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ преку Уставниот суд врши притисок да се оснажи поништеното помилување од Ѓорге Иванов.

Велам, ја разбирам загриженоста поради можните политички игранки, но на крајот на денот сепак не може да се премолчат фактите. А тие, фактите, велат дека со помилување од Иванов постојат неколку сериозни проблеми од правна и политичка природа. Пред сѐ, самиот чин на аболиција беше скандалозен и спорен. Потоа, не помалку беше спорен и начинот на кој се повлече помилувањето, без образложение со било какви правни или сериозни политички аргументи. И конечно, спорно е дали еднаш даденото помилување може да се повлече, дали тоа не е директно кршење на човековите права на помилуваните.

Професорот Гордан Калајџиев се помачи во неколку јавни настапи да објасни дека во случајов постојат сериозни дилеми од правна природа, дека е неопходно да се поведе стручна расправа, без девастирачките навивачки страсти кои не дозволуваат да се води аргументирана дебата. Се разбира, нема кој да слуша. Кај нас тоа не е можно. Не во една ваква зовриена атмосфера, во која извршната власт на судиите им се заканува со ветинг, опозицијата најавува дека правдата околу судиите ќе ја истера на свој начин, а новинарите и јавноста во медиумите и на социјалните мрежи жестоко атакуваат врз судството и отфрлаат секаква можност да дојдеме до правда и мир со „вакви“ судии.

Судиите мора да добијат шанса

Во еден скорешен разговор со европски претставници (на кој присуствуваа и говореа уште неколкумина соговорници од македонска страна), се обидов да укажам на ноторниот факт дека поголем дел од нашите судии се со долгогодишен стаж, дека од минатото до денес биле подјармувани од неколку влади и дека меѓу нив сепак има многу чесни луѓе, кои, едноставно, се во „погрешни чевли“. Тоа, се разбира, не зборува многу пофално за нивниот личен интегритет, но ќе признаете, не е лесно да бидеш судија (или новинар, на пример) и постојано да бидеш етикетиран дека си „државен непријател“ или „заштитник на мафијата“. Едноставно, имам разбирање за луѓето кои подлегнуваат под таквите притисоци. А секако, не сум наивен и знам дека во судската фела има и многу корумпирани поединци. Сум видел такви, ме суделе такви и сум ги трпел нивните неправди.

Сепак, како што им реков на европските претставници, моето мислење за најавениот ветинг на судиите е дека станува збор за обична пропагандна парола. Како пристоен човек, се разбира, нема да ви го кажам нивното мислење за тоа (нека го кажат самите). Но, јас останувам со уверувањето дека нема да добиеме независно судство ако од судиите со сила правиме „државни непријатели“ и „заштитници на мафијата“. Судиите мора да бидат ослободени од притисоците на политикантите, на партиските навивачи, на фановите и хејтерите на социјалните мрежи, на сите кои се обидуваат на судството и на судиите да им пресудат по „кратка постапка“.

Јас се противам на тој грозен манир во кој се води јавната дебата за божемните реформи во нашето судство. Се противам, без страв дека некој ќе ме нарече „заштитник на мафијата“. Нема да ми биде прв пат. Тоа им е работа на партиските ботови, за тоа се платени. Се противам и апелирам на судиите да им се даде поддршка и шанса, а шансата значи можност да одлучуваат врз основа на сопствената стручност и сопствените уверувања, неоптоварени од оваа хајка на која се изложени и која мора веднаш да престане!

Тоа не значи дека судот на јавноста треба да се (само)распушти или да се обеснажи. Не, но мора да воспоставиме некаков ред. Еве, да видиме како ќе одлучуваат уставните судии, да ги слушнеме нивните аргументи и противаргументи, па потоа ќе судиме и ние, неуките ама засегнатите. Само, да се разбереме добро – ќе судиме за одлуката, а не за судиите, не за нивната слобода и за нивното уставно загарантирано право да одлучуваат според сопственото уверување. Тоа право никој не смее да го оспори!

Во спротивно, од оваа држава нема да биде ништо…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...