Мицкоски: Сеопфатна истрага за аферата „Кеш“

546

Лицемерно е Заев да излегува со видео обраќање на кое повикува прочистување на нечесни судии и обвинители кои пак се хранат од неговата рака како што се гледа преку аферата „Кеш“. Не е само проблемот што има судии и обвинители кои се корумпирани, туку што Заев е браната да се стигне до откривање на тој криминал, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.

– Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара: Прво, итна, неодложна и сеопфатна истрага за аферата Кеш, пред се истрага за работата на обвинителите од поранешното СЈО, но и другите обвинители од редовното обвинителство и судии кои не постапуваат или молчат пред евидентната лавина на скандали и афери. Истрага и за начинот на кој се доделувале и злоупотребувале народните пари. И зошто се молчи за десетици афери. Таа истрага треба да биде и под силна лупа на Европската Унија и меѓународните сојузници, со оглед на фактот на високиот степен на инкриминираност на власта во овие процеси.

Второ, согласно Уставот ќе продолжиме закон со кој ќе се овозможи проверка на потекло на имот на судии, обвинители, политичари носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имотот на политичарите, и оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само  да одговараат со казни, туку да го вратат украденото од народот во буџетот на Македонија согласно Уставот. Мора да се врати одземеното на народот. Никој во оваа држава не смее да заштитува криминал, а криминалците да се чувствуваат заштитени. Еве јас ќе ги повикам институциите прв да ме проверат мене и моето семејство, но на иста таква проверка да подложи и Заев, министрите, директорите, судиите, обвинителите. Се што има индиции за нечесно стекнат имот да биде вратено кај народот.

Само така ќе добиеме правда. Ако ова не биде прифатено од страна на Владата и Заев овие две одлуки ќе бидат реализирани во првите сто дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, после предвремените парламентарни избори на 12 април – рече Мицкоски.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...