Кога ќе го добие мислењето од владата во однос на барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, претседателката на Законодавно-правната комисија во парламентот Соња Мираковска ќе закаже седница на ова тело на која ќе се разгледува предлогот што го поднесоа пратеници на СДСМ, откако се вклучи „алармот“ дека Уставниот суд може да донесе одлука со која ќе се врати на сила аболицијата за случаите на СЈО.
Мираковска вели за Плусинфо дека чека претседателот на парламентот Талат Џафери да ѝ го достави барањето за автентично толкување, кое истовремено треба да биде испратено и до владата. Откако ќе го добие мислењето од владата, веднаш ќе закаже седница. Пратеничката на НСДП објаснува дека Законодавно-правната комисија треба да одлучи и дали ќе побара мислење од матичното собраниско тело, во случајот Комисијата за политички систем.
-Ако Законодавно-правната комисија го прифати барањето за автентично толкување, тогаш треба да го испрати до парламентот, кој го има последниот збор. За усвојување на автентичното толкување на пленарна седница е потребно исто мнозинство како и за донесување на законот. Во случајот со Законот за помилување е потребно просто мнозинство, поточно најмалку 41 глас во присуство на минимум 61 пратеник. Во случај Комисијата да не го прифати барањето за автентично толкување, треба да достави извештај за тоа до Собранието – објаснува Мираковска.
Во последните години, автентичните толкувања мошне често се користат во законодавниот дом како инструмент за разрешување правни ситуцаии во кои има различни толкувања во однос на одредени прашања. Најмногу реакци во јавноста предизвика автентичното толкување на Законот за амнестија кој беше донесен по безбедносно-политичкта криза во 2001 година. Десет години подоцна, во 2011 година, со автентично толкување на овој Закон се овозможи амнестија за хашките случаи. За разлика од тогаш, овој пат целта е преку автентично толкување да се оневозможи помилување за случаите што произлегоа од снимките од масовното нелегално прислушување.