Станувајте на секој час и раздвижете се барем 10-тина минути – тоа важи за сите оние коишто работат седејќи подолго време пред компјутер или на друго работно место, бидејќи може да ви се јави трпнење во рацете, дури и во нозете, како и болки во рбетот а може да добиете и синдром на Карпален тунел, па да почне да ве боли и глуждот на раката со која го држите маусот од компјутерот, вели д-р Енис Шабан, лекар од Гостивар, специјалист и раководител на Центарот за анализа на движење во болницата „Аџибадем Алтунизаде“ во Истанбул.
Д-р Шабан работи во оваа болница во Турција со еден од најпознатите детски неврохирурзи, проф. д-р Мемет Озек.
Групацијата „Аџибадем“ викендов беше домаќин на група новинари од Македонија, кои имаа можност да посетат две нивни болници во Истанбул, Алтунизаде и Маслак, како и Универзитетот „Аџибадем“ и да видат како во овие приватни установи функционира здравството во Турција.
Д-р Шабан прегледува пациенти со искривен рбет и со други деформации на локомоторниот тракт, по што тие се упатуваат на снимања и им се поставува дијагноза, а ако е неопходно се упатуваат и на операција.
– Во Гостивар сум роден и таму завршив гимназија и потоа се преселив во Турција каде студирав Медицински факултет, и еве веќе 27 години живеам во Истанбул. На пациентите реално им кажувам што може да очекуваат од операцијата, ако таа се препорачува – вели д-р Шабан, кој е специјалист за неуромоторика и кој често доаѓа во скопската болница „Аџибадем Систина“ каде се прави првиот преглед и консултации за пациентите од Македонија.
Д-р Озек оперира по 600 до 700 пациенти годишно
Д-р Шабан веќе 13 години работи во болницата „Аџибадем Алтунизаде“ заедно со проф. д-р Мемет Озек, еден од најпознатите европски детски неврохирурзи, кој оперира бебиња и само еден ден по раѓањето.
– Оперираме различни заболувања – тумори, хидроцефалуси, а цистите, заедно со дел други заболувања, ги третираме ендоскопски, метода со која почнав да интервенирам од 1992 година. Освен ендоскопски, вршиме и класични хирушки интервенции и кај деца со епилепсија и церебрална парализа. Лекуваме и оперираме и деца со вродени оштетувања на рбетот и на рбетниот мозок, деца со цистична фиброза, со спида бифида, итна состојба кај бебињата кај која мора да се интервенира во првите 36 часа по породувањето. При овие операции, бидејќи оперираме бебиња кои тежат и само еден килограм, многу е важен анестезиологот и целата екипа – ортопед, невролог, неврохирург, доктор за анализа на движење и физиотерапевт, односно мултидисциплинарниот пристап. Тоа е и една од формулите за успешноста на операциите кои ги извршуваме. Јас со овој тим работам заедно повеќе од 15 години, а смртноста во последните пет години на одделот детска неврохирургија изнесува нула, а вакви интервенции се вршат во Лондон и во Париз – вели д-р Озек, кој годишно оперира по 600 до 700 пациенти од кои речиси половина се од странство. Тој е и раководител на Одделот за Детска неврохирургија во болницата „Аџибадем Алтунизаде“ во Истанбул.
– За некои дијагнози како церебрална парализа, раната терапија е многу важна, но ако детето е со тумор во мозокот, колку е помала возраста, толку се поголеми ризиците – додава д-р Озек.
Турските државјани кои имаат државно осигурување имаат бенефиции за неврохируршки интервенции во оваа болница, коишто чинат од 25 илјади до 40 илјади долари.
Само од Македонија кај д-р Озек се упатуваат годишно по околу 100 пациенти до 18 години за неврохируршки операции, но и за други интервенции во болниците на „Аџибадем“. А во изминатата една ипол година овој хирург оперирал и 15 наши пациенти со цистична фиброза. Поголемиот дел од операциите се покриени од Фондот за здравствено осигурување на РМ.
Нема лекар од Македонија заинтересиран да специјализира детска неврохирургија
На секои шест месеци кај овој лекар доаѓаат по двајца специјализанти од 11 земји во Европа и од светот. Програмите за едукација кај овој експерт се резервирани во следните две години. Но во распоредот сѐ уште нема заинтересиран лекар од Македонија, кој би сакал тука да специјализира детска неврохирургија. Ниту за оваа соработка им се обратил некој од Министерството или од Фондот за здравство.
– Познавам повеќе колеги од Македонија, кои кога би доаѓале тука во болницата, би се стекнале со поголемо искуство, но не знам зошто не доаѓаат. Се знам и соработувам со некои од помладите неврохирурзи од Клиниката за неврохирургија, но досега никој не пројавил интерес да учи за детски неврохирург. Само д-р Рендевски, директорот на Клиниката за неврохирургија, кого и лично го знам, се заинтересира за соработка, но досега нема реализација. А за Детска Неврохирургија да имате и кај вас, мора, секако, да располагате и со нова технологија, има големи промени во здравството коишто мора да ги следите, како и да одите на доедукации. Лекари од цел свет идат тука, се разбира и од Македонија може да дојдат и на 6-месечни едукативни програми – додава еден од најблиските колеги-соработници на д-р Озек, гостиварецот д-р Шабан.
Роботи носат лекови и униформи
Еден од куриозитетите којшто нѐ изненади во болницата „Аџибадем Маслак“ беа и 12-те роботи кои наместо болничарите ги носат медицинските материјали, униформи и други неопходни работи.
– Роботите се од италијанско производство, а програмирани се да влегуваат во лифт и да се движат по одделите, по што се враќаат на паркингот. Тие се секако големо олеснување во работата на болницата – вели одговорниот за овие апарати.
За оние пациенти кои сакаат ВИП третман за време на прегледите и примањето терапија, постои посебен оддел во болницата.
Кај секој десетти пациент се открива рак
Лекарот којшто врши редовни здравствени прегледи на пациентите нѐ информираше дека при овие прегледи се откриваат висок крвен притисок, зголемен шеќер во крвта и други состојби.
– Но, кај секој 10-ти пациент, за жал, откриваме и некое малигно заболување – вели овој доктор.
А злокобните дијагнози во болницата „Аџибадем“ во Истанбул можат да се дијагностицираат и со еден од најсовремените апарати за магнетна резонанција – „Вјуреј МРИдијан“, кој е единствен во поширокиот регион, а во Европа има само два вакви апарати. А операции на тумори на глава, цисти и други заболувања со сајбер ножот се прават без резови и без крвавења.
– Пациентот прво се снима на апаратот Меридијан, кој комбинира магнетна резонанца со насочена радијација, по што туморот во стомакот, на пример, може да се зрачи најпрецизно, без да се оштетува здравото ткиво – објаснува професор Озкан Јуксел.
Еден радиотераписки третман на заболен од рак (со 7 до 10 циклуси на зрачење) чини околу 8.000 евра.