Откриeни непознати документи за лекувањето на Тито: Додека бил во кома, во љубљанската болница се правеле лумпувања

Се јадело и пиело наголемо - стотици килограми месо, виски, торти...

3487

Во подземен трезор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, каде што на 4 мај 1980 година почина Јосип Броз Тито, се откриени фасцикли со документација која фрла ново светло на последните месеци од животот на Тито и неговиот персонал во најдобрата медицинска установа во некогашна СФРЈ.

Според пишувањето на љубљанските медиуми, документацијата била откриена во просторијата која води кон подземните ходници, а која последен пат била користена како засолниште за време на воздушни опасности за време на конфликтот со ЈНА во 1991 година, иако се сметало дека целата документација поврзана со лекувањето на Тито во Љубљана завршила во Белград, пренесува „Јутарњи лист“.

Повеќето документи откриваат што сè се плаќало за време на престојот на Тито и неговиот персонал во болницата во Љубљана, во кои се вели дека за еден месец се изеле 100 килограми свинско месо, 31 килограм бебешко говедско месо, 18 килограми буџола, повеќе од 15 килограми пршута и 90 килограми конзервирана шунка.

Во истиот едномесечен период се платени и 91 шише виски, 20 шишиња рум, 11 вотки и 100 литри вино, а според една сметка, биле нарачани и 700 парчиња торта, 200 ролати, 200 крофни.

Освен сметките, бил пронајден и допис од Институтот за патологија во кој било наведено дека обдукцијата на Тито ќе чини 33.437 динари. Лекувањето на Тито го платила тогашната Социјалистичка Република Словенија и чинело два милиони и сто илјади динари. Го лекувале седум доктори од Словенија, САД и Русија, пишува „Јутарњи.хр“.

Тито во болницата во Љубљана ги поминал последните четири месеци од животот. Познато е дека не ги слушал лекарите и дека не сакал да се откаже од омилените храна и пијалаци. Тој во последните 68 дена бил во вештачка кома, приклучен на респиратор, така што е јасно дека не можел да ги консумира храната и пијалаците од сметките.

Очигледно е дека биле нарачувани за персоналот, а не за Тито.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...