За буџетот вчера, денес, утре… (некои од) одговорите!

Ќе помине и оваа собраниска дебата за буџетот. Можеби некој амандман и ќе биде прифатен, ама дебатата во основа ќе се задржи на краткорочните аспекти. Она што и понатаму ќе изостане е суштинскиот разговор за долгорочната визија за македонската економија, постигнувањето сеопшт консензус за „црвените економски линии“ за нашава земја и заедништво за враќање на надежта кај граѓаните.

762

Bо собранието, а и пошироко во земјава, веќе наголемо се води дебатата посветена на предлог буџетот за 2020 година. Минатата недела, на ова исто место беа поставени прашањата и ветени одговорите. Согласно ветеното, еве ги и одговорите.

Најпрвин, за системските аспекти, дали буџетот е дел од среднорочно буџетско планирање? Од мај годинава постои фискална стратегија на земјава за периодот 2020-2022 година. Стратегијата во основа ги има потребните елементи, макроекономските и фискалните проекции за 3 години, управувањето, лимитите и ризиците за јавниот долг, како и сензитивна анализа со различни макроекономски и фискални сценарија, што би било кога би било. Она што недостасува, а би требало да го има, е тоа проекциите за наредните три години да се дел од едно подолгорочно сценарио за економски раст и развој, за кое сценарио има (макар и преќутна) согласност меѓу сите политички лидери. Тоа би значело постоење на т.н. „црвени економски линии“, базирани на принципите на здравиот разум, нешто за што јас сум пишувал во повеќе наврати. Вака, формално, може да се каже дека буџетот за 2020 година е генерално во линија со тригодишна проекција, но суштински, таа проекција се базира на претпоставки кои не се доволно конкретизирани во рамки на широк долгорочен консензус и заеднички дефинирани „црвени економски линии“. Нормално, оваа оценка не се однесува само за овој предлог-буџет, туку и за другите во минатото. Впрочем, и насловот на овој текст упатува на тоа дека зборуваме за буџетот, вчера, денес, утре, односно за она што го карактеризира буџетот на државава низ годините.

Гледано од аспект на поодделните главни компоненти на државниот буџет, дали ќе се остварат предвидените приходи за да можат да се реализираат предвидените расходи? Прво, претпоставките и проекциите за економскиот раст наредната година не изгледаат еуфорично оптимистички и генерално се во линија со проекциите на меѓународните финансиски институции. Второ, нема најава за некаква промена во даночните политики што би ги мотивирала даночните обврзници за даночна евазија и би го дестабилизирала текот на приходите. Но, останува да се види како во 2020 година ќе се компензираат приходите што беа остварени во текот на 2019 година како резултат на зголемените даноци и кои во текот на годината се вратени на претходните нивоа. Ќе видиме дали намалените даноци ќе ја намалат сивата економија и ќе ја зголемат наплатата на приходи.Трето, системски би било многу добро ако во 2020 година биде прифатен и воведен даночниот календар што Стопанската Комора на Македонија формално го предложи до Министерството за финансии затоа што тоа суштински ќе ја намали неизвесноста околу тоа кога и како се менуваат даночните прописи.

Страната на расходите бара неколку одговори. Најпрвин, структурата на буџетските расходи веќе долга низа години не е променета, и не е добра. Учеството на тековните расходи (плати, трансфери, расходи за стоки и услуги и сл.) во вкупните расходи е практично исто и е околу 90%. Тоа е огромно учество, што практично ги прави тековните расходи фиксирани (плати и сл. мора да се исплаќаат) и остава мал маневарски простор за капиталните расходи. Битен момент за наредната година е проектираниот раст на платите. Дали тие одат рака под рака со продуктивноста? Не баш. Дали на долг рок е одржливо зголемување на платите без истовремен соодветен пораст на продуктивноста? Не е. Дали зголемените плати ќе го поттикнат економскиот раст? Да, доколку бидат искористени за купување домашни производи и услуги. Дополнително, зголемувањето на овој тип на расходи, плати на администрацијата и сл. претставува нешто што економистите го нарекуваат „перманентен шок“. Тоа не произведува ефекти за буџетот на државата само во годината кога ќе се случи туку и во следната година и во таа што следи, итн. Исто така, колку поголемо е учеството на тековните во вкупните буџетски расходи толку повеќе се намалува маневарскиот простор за проактивна фискална политика во случај на неповолни економски движења кај земјите коишто се наши најголеми трговски партнери, бидејќи буџетскиот дефицит треба да отиде на нивоа што тешко може да ги финансира економија како македонската.

Останува нејасно дали и колку се ефикасни тековните расходи. Не се јавно познати параметри што ја следат ефикасноста на трошењата за разните видови на субвенции и слични исплати за да можат да се носат одлуки за тоа дали и во колкав обем субвенциите го помагаат економскиот раст и следствено дали и во колкав обем треба да продолжат или да се пренасочат. Затоа изгледа дека некои субвенции долги години се всушност квази социјални програми за рурални средини. Исто така, со децении останува неодговорено горливото прашање за бројноста и ефикасноста на јавната администрација. Патем, изгледа дека и понатаму има лица што добиваат плата, а не одат на работа.

Капиталните расходи, остануваат во вообичаените, недоволни рамки. Уште полошо, нема одговор на што се должи нивната слаба реализација низ текот на годините. Тоа е едно од централните прашања за буџетот на државата. Во основа има две базични причини. Или капиталните расходи се лошо планирани заради редица можни (објективни или субјективни) причини или тие што треба да потпишуваат при реализацијата на капиталните инвестиции се плашат да го направат тоа затоа што стравуваат, на пример, од правни последици. Така, земјава влегува во нова година, со нов буџет, а прашање за хронично слабата реализација на капиталните расходи нема одговор. Само како илустрација зошто е ова важно, во погоре спомнатата Фискална стратегија на Министерството за финансии пишува дека пониската реализација на капиталните расходи за 25% би предизвикала пониска стапка на реален раст на македонската економија за 0,5 процентни поени годишно, што значи помалку приходи во буџетот, поголем буџетски дефицит и повисок јавен долг. Инаку, штета е што во буџетот нема повеќе средства предвидени за капитални инвестиции затоа што сега е златен момент за нивна реализација. Каматните стапки се на историски најниско ниво и финансирањето на добри капитални проекти сега може да се реализира со најниски трошоци.

Конечно, и за буџетскиот дефицит. Може да се констатира негово стабилизирање откако во изминатата деценија се доближи до нивоа што се долгорочно неодржливи. Дополнително, изгледа дека кај носителите на економските политики постои разбирање за потребата од постепено сведување на буџетскиот дефицит на долгорочно одржливи нивоа. Дефицитот за наредната година е проектиран нешто пониско ниво (2,3% од БДП) во споредба со тековнава година. Но, суштинското прашање за секој буџет останува за кои намени се трошат парите од буџетот за да мора да има „дупка“ во него што мора да се финансира. Со други зборови, ако „дупката во буџетот“ се појавува затоа што трошиме повеќе пари одошто имаме, ама за капитални инвестиции, за нешто што ќе ја раздвижи економијата, ќе донесе во иднина повеќе приходи во буџетот со кои ќе можее да ги вратиме парите што сме ги позајмиле за да се финансира „дупката“, тога е во ред, тоа е прифатливо. Но, ако не е така, тогаш на долг рок заглавуваме. Кога сме веќе кај финансирањето на буџетскиот дефицит, тоа сега изгледа лесно затоа што светот плива во пари и каматните стапки речиси го допреа дното. Во такви околности, и на домашниот пазар позајмувањето на државата од банките нема да предизвика „ефект на истиснување“ затоа што и тукашниве банки имаат голема ликвидност, што значи банките имаат доволно пари за финансирање и на добри проекти на компаниите.

Ќе помине и оваа собраниска дебата за буџетот. Можеби некој амандман и ќе биде прифатен, ама дебатата во основа ќе се задржи на краткорочните аспекти. Она што и понатаму ќе изостане е суштинскиот разговор за долгорочната визија за македонската економија, постигнувањето сеопшт консензус за „црвените економски линии“ за нашава земја и заедништво за враќање на надежта кај граѓаните. Кога тоа ќе го постигнеме, правењето на буџетот ќе биде полесниот дел.

 

(Авторот е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања)

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...