Дали е вистина дека поранешниот премиер Никола Груевски е уапсен во Унгарија и ако е тоа точно зошто македонското Министерство за правда не побарало негова екстрадиција, прашуваат од ФРОДЕМ, повикувајќи се на вест објавена во српски медиум.
Пред три дена на ТВ Српски колектив – национална јутјуб телевизија, како што посочуваат од ФРОДЕМ, претседателот на Републиканската партија на Србија Никола Сандуловиќ, изнесе информација дека Груевски е уапсен во Унгарија, а дека премиерот Заев нема храброст да побара негова екстрадиција.
ФРОДЕМ јавно го прашува премиерот дали оваа информација е точна и доколку е точна зошто Министерството за правда односно министерката Дескоска досега не побарала негово испорачување? Второ, како што велат од ФРОДЕМ, ако информацијата не е точна, премиерот Заев има обврска оваа вест енергично да ја демантира бидејќи истата внесува немир и се поголема недоверба кај граѓаните во институциите на системот и сомнеж дека власта свесно не сака да го врати бегалецот од Будимпешта.
„Сакаме да го потсетиме премиерот Заев, дека Никола Сануловиќ е сериозен политичар кој бил во највисокото раководство на Демократската партија на Србија и близок соработник на убиениот премиер Џинџиќ, кој сигурно нема да си дозволи јавно да говори и да изнесува информации кои не се сигурни и претходно проверени. Дополнително, истиот тој Сандуловиќ заедно со претседателот на Републиканската партија на Косово Фатон Курти се едни од најголемите лобисти кај меѓународната заедница Зоран Заев да стане премиер на Република Македонија“, се наведува во соопштението на ФРОДЕМ.
Во соопштението се додава дека според надлежните органи кои го истражуваа бегството на Груевски досега никој не е виновен и никој нема да сноси одговорност. „Овие теледиригирани обвинители и истражители сигурно дека не смеат да ја откријат вистината бидејќи таа не и одговара и на власта и на опозицијата чиј лидер во сенка е бегалецот Груевски. Но, едно е јасно и сигурно. Бегството не можело да се случи доколку не постоело триото Груевски – Вучиќ – Орбан со знаење и соработка на нашите високи политички и полициски власти“, стои во реакцијата на ФРОДЕМ.