Новата Европска комисија денеска го почнува петгодишниот мандат

64

Европската комисија во новиот состав, предводена од Урсула фон дер Лајен, денеска почнува со работа.

Европската комисија е главно извршно тело на ЕУ, која по својот состав и функции наликува на влада.

Наместо министри, составена е од комесари задолжени за различни ресори, при што секој член на Комисијата доаѓа од различна земја членка на ЕУ.

Со Урсула фон дер Лајен на чело, Европската комисија за првпат добива жена претседател.

Во исто време, во новиот состав на Европска комисија постигнат е досега највисок родов баланс, односно од 27 највисоки позиции, 11 ги држат жени.

Комисијата, која во наредните пет години ќе биде една од трите најважни институции на ЕУ, покрај Парламентот и Советот, ја сочинуваат претседателката, 25 комесари и шефот на дипломатијата на ЕУ, кој е и потпретседател на Европската комисија.

Претседателката на Комисијата објави дека во фокусот на работата на нејзиниот тим во текот на следните пет години ќе биде зајакнување на улогата на ЕУ во светот, заштита на климата, дигитализација, но и доближување на Западниот Балкан до Унијата.

Фон дер Лаејн истакна дека во работата со регионот најмногу ќе и помогнат шефот на дипломатијата на ЕУ и комесарот за проширување.

Досегашната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ја менува досегашниот министер за надворешни работи на Шпанија, Жозеп Борел.

Претставувајќи ја својата програма, Борел изјави дека сака лично да се посвети на „реформите и процесот на интеграција на Западен Балкан“.

Борел исто така ќе посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Оливер Вархељи го презема ресорот за проширување од Јоханес Хан, во момент кога во ЕУ се води расправа за реформите во пристапната политика.

Вархељи оцени дека не треба да се менува целата рамка на политиката за проширување, туку дека треба да се подобри методологијата.

Европската комисија соопшти дека новиот комесар за проширување во вторник на 3 декември ќе учествува на конференција на високо ниво посветена на европската интеграција на Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...