Тензиите кои постојат во нашата работа изминативе месеци не стивнуваат, вели Ангел Димитров, копретседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Како што јави БНГНЕС, на средба со новинарите по состанок на Комисијата во Софија, истакна дека постигнатите договори до моментов се незначителни и додаде дека се уште нема договор во однос на средновековниот период и за Гоце Делчев.
– Добиваме сигнали дека имаме различни претстави со нашите колеги не само за смислата на нашата работа, туку и за разбирањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Тоа е доволно убедлив показател дека не сме во состојба да зборуваме за постигнати сериозни резултати. Загрижен сум не само затоа што секој чекор напред е нешто добро, не толку за самиот Договор, колку за односите меѓу луѓето од двете држави. Загрижен сум и затоа што едно од решенијата на Комисијата беше очекувањето за поинтензивна работа со цел да постигнеме определени резултати до крајот на годината околу разговорите за Гоце Делчев и за Илинденското-Преображенско востание – вели Димитров.